CNN: Дел од борците поддржани од Западот минуваат на страната на Асад

© AP Photo

Дел од борците на формациите на сириската сунитска вооружена опозиција, коишто изминатите години добиваат стратешка и помош во оружје од Западот, во прв ред од САД, минале на страната на силите на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, пренесува во четвртокот американската телевизија CNN.

Според изворите на телевизијата, за коишто се наведува дека станува збор за американски официјални претставници, станува збор за една од бригадите на опозициската Сириска слободна армија (FSA) „Магавир ал-Саура“, која е позиционирана во областа Ет-Танф во близина на границата со Јордан.

Како што се наведува во прилогот на CNN, „Русија и режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад“ се обидуваат да ги привлечат бунтовниците поддржувани од САД“, коишто се лоцирани во споменатата област.

Се истакнува и дека „оваа кампања за врбување“ главно била ориентирана на припадниците на „групациите кои ги обучува и екипира коалицијата предводена од САД“. CNN ја наведува процената на претставници на коалицијата кои се присутни на теренот во Сирија под раководство на Вашингтон, според кои „мал број борци на бригадата Магавир ал-Саура веќе минале на страната на Асад“.

„Можеме да потврдиме дека имаше неколку изолирани случаи преминување на спротивната страна“, го цитира CNN претставникот на коалицијата, полковникот Џозеф Скрока.

„Магавир ал-Саура е наш доверлив партнер во борбата против Исламската држава, и ќе продолжиме да им даваме поддршка на нивните напори со цел да ја поразат Исламската држава“, додал Скрока.

Во јули весникот The Washington Post повикувајќи се на извори од американската администрација пишуваше дека претседателот Доналд Трамп донел решение да ја суспендира програмата на Централната разузнавачка агенција (CIA) за вооружување на умерената сириска опозиција во борбите со владините војски во Сирија.

Според весникот, тоа може фактички да претставува потег во полза на Русија којашто ја поддржува владата во Дамаск. Според изворите, ваквата одлука на Трамп била донесена по неговата средба по новиот директот на CIA, Мајкл Помпео и својот советник за национална безбедност на Белата куќа, генералот Херберт Макмастер во пресрет на неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Хамбург.