
Едно лице се здобило со повреди во помала експлозија во фабриката за оружје „Тара“ во Мојковац во Црна Гора.
Како што пренесуваат црногорските медиуми, повредена е шефицата на Пиротехничкиот отсек, која се здобила со изгореници на лицето и рацете.
Директорот на фабриката Дејан Марковиќ соопшти дека експлодирал садот со смесата на која работела жената.
„Благодарејќи на мерките за заштита избегнати се потешки последици од овој инцидент. Не е направена ниту поголема материјална штета, затоа што просторијата е максимално обезбедена“, соопшти тој.
Марковиќ уште рече дека полицијата направила увид на местото на експлозијата и оти во тек е истрага за овој инцидент.