Црна Гора трага по 57 свои државјани исчезнати во војните кои се водеа на територијата на поранешната Југославија во 1990-те години, објавија во понеделникот црногорските власти.
„На територијата на Косово се трага по 44 лица, во Босна и Херцеговина по десет и на територијата на Хрватска по три лица“, соопшти владата во Подгорица.
Шефот на владината Комисија за исчезнати лица, Драган Ѓукановиќ, и координаторката на Регионалното биро на УНДП, Ивана Јовановиќ, ја договорија идната соработка и размената на информации важни за решавањето на судбината на исчезнатите лица.
„Договорено е Бирото на УНДП да може да дава повеќе видови техничка и стручна помош во постапката на трагање, размена на податоците и билатералната соработка со државите во регионот“, се истакнува во соопштението.
Црногорската влада досега има потпишано протоколи за соработка со сличните комисии во Србија, Хрватска и Косово, а во тек се преговори и со Советот на министрите на Босна и Херцеговина.