Црна Гора во петокот пријави 344 нови случаи на зараза со коронавирус, што значи дека денешниот број е поголем од вкупниот број заразени во првиот бран од епидемијата која од средината на март до почетокот на мај беа регистрирани 324 коронаинфекции.
Епидемиолозите во земјата предупредуваа дека бројот на заразените на дневно ниво да се зголеми кон крајот на семицата, особено во главниот град Подгорица, каде ковид-центрите последните денови се оптоварени со посети од граѓаните, додека колоните автомобили чиишто возачи чекале на тестирање беа долги неколку километри.
Токму половината од денеска пријавените нови случаи се од црногорската престолнина, којашто, доколку продолжи ваквиот тренд на растото на бројот на заразените, може да влезе во „црвената зона“ што подразбира воведување рестриктивни мерки, како што се затворање на угостителските објекти и воведување полициски час од 22 до 05 часот.
Таквите епидемиолошки мерки веќе две седмици на сила е во три црногорски града: Никшиќ, Беране и Андријевица.
Во моментов активни случаи во Црна Гора има 3.828, што е 608 заразени на 100.000 жители, соопштија црногорските здравствени власти, додавајќи дека во последните 24 часа се забележани и три смртни исходи. Со тоа вкупниот број починати поради компликации предизвикани од Covdi-19, од почетокот на јуни изнесува 185, а од почетокот на епидемијата на 194 смртни исходи,
Министерот за здравство на заминување, Кенан Храповиќ, претходно во петокот објави дека потпишал договор и дека државата однапред платила околу 600.000 евра, со што на Црна Гора ѝ се овозможива веднаш да добие 250.000 дози од вакцината против коронавирусот кога таа ќе биде откриена, по цена од 8,84 евра по доза.
„Согласно истражувањето на Институтот за јавно здравје и нивната процена за потребните количества дози од вакцината, Црна Гора искажала потреба за 248.000 дози, односно количество кое би покрило 20 отсто од населението, имајќи предвид дека се препорачани по две дози за едно лице“, соопшти Храповиќ.
Тој појасни дека Црна Гора со потпишување на овој договор му пристапила на механизмот COVAX за вакцината против Covid-19, кој го иницираше Светската здравствена организација (СЗО – WHO), за да се овозможи набавка и праведна распределба на вакцината меѓу земјите учеснички.
Храповиќ, исто така, објави дека црногорската влада започнала процедура за набавка на лекот „ремдесивир“, кој ќе се користи за лекување пациенти со потешка кличничка слика.
„Набавката на овој лек во следните месеци најверојатно ќе биде можна исклучиво преку механизмот за заедничка набавка која го иницираше Европската комисија“, рече Храповиќ.