Црна Гора за малку ќе утнеше, Хрватска и Финска убедливи, Германија ја искористи слабата четврти на БиХ

Се одиграа четири натпревари на ЕП во Кошарка, во кои победи славеа селекциите на Црна Гора, Финска, Хрватска и Германија.

Црногорците беа подобри од Белгија со 76-70. Во еден миг Црна Гора водеше и 20 разлика, меѓутоа опуштањето во последната четвртина можеше скапо да ги чини. И покрај големиот пад, Белгија се доближи само на шест разлика, што беше актуелен резултат на крајот. Ниту 25 поени на Обасохан не им помогна на Белгијците. Кај Црна Гора Дубљевиќ постигна 21 поен со 11 скока и 4 асистенции.

Финска со 30 разлика ја совлада селекцијата на Полска 89-59. Финците уште од првата четвртина имаа двоцифрена разлика, која до крајот на мечот само ја зголемуваа, и на крајот стигнаа до убедлив триумф. Најефикасен беше Салин со 18 поени.

Селекцијата на Хрватска стигна до првата победа на ЕП совладувајќи ја Велика Британија со 21 разлика (86-65). Хрватите разликата ја направија во третиот период, кој го добија со неверојатни 35-9. Најефикасен кај победничкиот тим беше Богдановиќ со 15 поени, додека Хесон во В. Британија постигна 18 поени.

Ниту одличната партија на Муса (30 поени) не беше доволна БИХ да дојде до нова победа на ЕП. Босанците беа поразени од Германците со 92-82. Муса немаше поддршка од своите соиграчи, а клучната разлика беше направена во третиот период кој Германија го доби со 28-11 (до тој момент БИХ имаше предност). Зад Муса, Нуркиќ постигна 21 поен, а Шродер кај Германија беше најефикасен со 18 поени.