Меѓународната полициска служба Интерпол во аргентинската престолнина Буенос Аирес уапсила црногорски државјанин, осуден како член на злогласната криминална група „Пинк Пантер“, позната по спектакуларни грабежи на скапоцен накит низ светот, пренесуваат во петокот црногорските медиуми.
Станува збор за 46-годишниот Звјездан Бегиќ, кој во Франција е осуден на 15 години затвор поради грабеж на накит во вредност од два милиона евра од златарница во Сен Тропе, а од 2017 година по него трага и италијанската полиција поради грабнеж на златарница во Милано.
Како што пренесуваат медиумите, овој жител на црногорската престолнина Подгорица во Аргентина влегол со фалсификуван пасош од земја во Европската унија, а во Буенос Аирес живеел под лажен аргентински идентитет. Уапсен бил на 20-ти април додека шетал на улица во населбата Нуњез, во која се наоѓал и луксузниот стан во кој живеел.
Aргентинските медиуми пренесуваат дека во обвинението подигнато против Бегиќ се наведува дека е припадниј на злогласната банда ограбувачи на накит „Пинк Пантер“, на којашто ѝ се припишуваат најмалку 130 грабежи чијашто вредност е проценета на десетици милиони евра.
По Бегиќ, како се наведува во медиумските извештаи, се трага поради два конкретни напада за кои го сомничат меѓународните истражни органи. Првиот е од 2005 година кога со уште е еден разбојник упаднал во златарница во монденското француско летувалиште Сен Тропе и украле накит во вредност од два милиона евра. Наводно тогаш побегнал со брод.
Бегиќ е осомничен и дека 12 години подоцна, односно во 2017 година, со уште двајца ограбувачи вооружен влегол во познатата миланска јувелирница „Paradiso Luxery“ од каде што украле 20 лускузни часовници на производителот „Rolex“ и две нараквици прценети на по 200.000 евра.
Аргентинското правосудство ќе го започен процесот на негово предавање на европските земји коишто го бараат, наведуваат медиумите.
Се потсетува дека според полициските извештаи, озлогласената група „Пинк Пантер“ ја сочинуваат околу 200 членови, главно Црногорци, Срби, Хрвати и Босанци, од кои могумина се со воено искуство и главно се товарат за грабежи на многу скапи накити.
„Тоа се тешко вооружени насилници кои не се стеснуваат да отворат оган доколку имаат тешкотии, иако досега никого не убија“, изјави своевремено заменикот на директорот на Интерпол за криминал и криумчирање дроги, Емануел Леклер.
Како што, исто така, своевремено пишуваа медиумите, британската полиција оваа криминална група ја нарекла „Пинк Пантер“ откако во 2004 година се обиделе да прокриумчарат скап син дијамант во кутија за крема за лица, како и во познатата истоимена филмска комедија.