Цуцуловски: Мерките на Филипче се тотално контрадикторни и непродуктивни

Во вечерашното издание на дебатната емисија “Што не е јасно?” на ТВ Алфа гостуваше универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски, кој зборуваше за предложениот полициски час од страна на министерот Филипче, како и на другите лоши владини политики.

Цуцуловски потенцираше дека здравствената состојба во Република Македонија е загрозена и факт е дека мора да се донесат мерки кои ќе вродат со плод, односно ќе ги намалат бројките, но истакна и дека предложениот полициски час од Филипче е тотално бесмислен и непродуктивен.

Тој вели дека одреден период наназад граѓаните сведочат на голем пораст на бројот на заболени и починати граѓани, што е доволен показател колку е сериозна ситуацијата и колку треба институциите да се вложат во борбата со пандемијата. Исто така, Цуцуловски вели дека не треба да се донесуваат одлуки и мерки колку само да се донесат, туку тие да бидат издржани.

“Чудно е тоа како умешно се манипулира со бројките од пандемијата, зависно од потребите на одредени политички структури. Факт е дека пандемијата владее и таа некогаш прогресира, некогаш стагнира, но се уште тотално не прекинува. Но, не може драконски мерки да се донесуваат кога следуваат одредени процеси или пак празници. Згора на тоа, власта несомнено сака да го реализира пописот, кој директно влијае врз здравјето на граѓаните, што е спротивно и контрадикторно на она што Филипче го зборува”, додаде Цуцуловски.

Не може да се бара да примате некого дома и да ве попишува, а од друга страна да велиме дека се бориме со пандемија и треба да се избегнуваат контакти со луѓе. Ниту еден граѓанин не може да биде сигурен дали некој некому ќе пренесе вирус и тоа е доволно за некој да не сака да ја отвори вратата кога некој ќе заѕвони, истакна Цуцуловски.

Контрадикторно и спорно е тоа што Филипче сака да спроведе полициски час од 22 до 5 часот наутро, а локалите работат до 21ч. Корона вирусот најверојатно ја има во секој еден момент, а не само по 22 часот, но за тоа најдобро би требало да знае Филипче, иако неговите постапки не го кажуваат тоа, заврши Цуцуловски.