Со доза на изненаденост ја добив информацијата пласирана во недела наутро дека против мене е поднесена кривична пријава, и веднаш сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина, ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени, вели директорот на МРТ, Марјан Цветковски во дописот испратен до медиумите, откако МВР утрово поднесе Кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување против Цветковски.
„Смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТВ се работело и ќе се работи согласно законот. Иако постојат многу сугестии, коинциденции и поврзувања, не би сакал да верувам дека оваа поднесена кривична пријава е резултат на фактот дека повторно добив доверба да ја раководам МРТ“, вели Цветковски.
Напоменува дека МРТ е сериозен и гломазен систем каде во секоја постапка учествуваат голем број на служби и секој во рамките на своите надлежности постапува.
„Сакам да напоменам дека за споменатиот договор има судски спор и не е исплатен во целост. Во овие специфицни услови и амбиент, верувам дека ќе ја докажам правдата и нема да дозволам оваа постапка да ме девалвира и да ме дефокусира од реализацијата на мојот план за подигнување на МРТВ на едно повисоко квалитативно ниво во секој поглед, како и да ја развивам постојано улогата на МРТВ како промотор на државните, европските и евроатлантски вредности“, заклучува Цветковски.