Д-р Беќаровски смета дека стравот од омикрон не е оправдан и дека за 80 отсто се помали шансите да завршите во болница

Сите релевантни и независни укажувања сугерираат дека омикрон сојот на коронавирусот е со многу поблаги симптоми и шансите да завршите во болница се околу 80 проценти помали од моментално доминантната делта-варијанта во Македонија, пишува на Фејсбук д-р Нико Беќаровски од Институтот за токсикологија.

„А зошто се крева толкава прашина и се влева страв? Ако во моментов ние имаме околу 500 новозаразени дневно, кои нашиот здравствен систем успешно ги апсорбира, тоа би значело дека од омикрон варијантата здравствениот систем успешно би апсорбирал и до 4.000 новозаразени, бидејќи заболените главно би лежеле дома. Каде е тогаш проблемот? Ако просечното траење на ковид-19 е околу десет дена, тоа значи дека секој ден во подолг временски период би имале околу 40.000 активни случаи, што мора да се согласиме дека може да создаде сериозни економски импликации и голем број отсутни работници од своите работни места. Токму затоа, поради сериозните импликации врз бизнисот е големата паника која владее во ЕУ и во САД, од омикрончето. Човекот во западната цивилизација одамна ја изгуби битката со неговото височество – профит“ напиша д-р Беќаровски.