Д-р Марковски: Најголема грешка е „седете дома“ и јавувајте се по телефон!

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Д-р Вело Марковски, вечерва во емисијата „Само вистина” на Канал 5 истакна дека владата мора да поднесе одговорност за големиот број на починати од ковид-19 во државата.

– Генерално, што е најголемата грешка?! Тоа е паролата „седете дома” на пациентите, јавувајте се по телефон и немојте да одите на лекар. Штедете ги лекарите, немојте по рецепти да одите во аптеки. Значи, маса на луѓе оставивме без да ги види матичен лекар што е нон-сенс. Тука ние имаме проблем. И после кажуваат доцна им доаѓале пациентите. Па, како да доаѓаат кога вие им кажувате да не доаѓаат на лекар. А клиничката слика од пролетта до сега е сменета кај пациентите од ковид-19. Скоро кај сите починати постои бактериска пнеумонија со јасни параметри, со високо CRP, со висока седиментација и пореметени фактори на коагулација. И затоа пациентите треба да ги лекуваме соодветно. Не смее да се пушти пациент да не биде виден, да не биде прегледан. Другиот проблем е раното давање антибиотици. Давање антибиотик за време на вирусна инфекција може да има катастрофални последици. Тоа не е мој став, тоа е став на науката, посочи Марковски.