Вчера, 15 февруари 2023 година, во Загреб, д-р Срѓан Керим, претседател на 62-то Генерално собрание на ООН, присуствуваше на прошталната вечера на амбасадорот на Федеративната Република Бразил во Република Хрватска, Мауро Виеира. Амбасадорот Виеира досега беше бразилски амбасадор во Хрватска, а на 1 јануари новоизбраниот претседател Лула да Силва го именуваше за министер за надворешни работи на Бразил. На вечерата присуствуваа дваесетина истакнати општественици и дипломати од Хрватска и од регионот на Југоисточна Европа.
Во разговорот министерот Виеира се наврати на покренатите преговори за реформа на системот на Организацијата на Обединетите Нации, усвоени со Одлуката на Генералното собрание број 62/557, донесена за време на мандатот на д-р Срѓан Керим како претседател на ГС на ООН. Соговорниците разменија идеи околу актуелната состојба со реформата и зборуваа за престојниот состанок на Советот на Претседателите на Генералното собрание на ООН, закажана за март во Бахреин.
Значаен дел од разговорот беше посветен на македонско-бразилските односи, а посебно на напорите за внесување на нова енергија во билатералните односи и за натамошната соработка на двете земји во мултилатералата.
Соговорниците се согласија дека ќе го продолжат својот дијалог и во иднина, како и дека ќе работат заедно на изнаоѓање на форуми за дискусија во однос на прашањата поврзани со реформата на системот на ООН, климатските промени и глобалното владеење.