Стив Кари, Кевин Дјурант и Зион Вилијамнсон во петокот официјално го откажаа настапот на годинешниот НБА „Ол-стар“ натпревар кој ќе се одигра во Солт Лејк Сити на 19-ти февруари.
Нивните откажувања се должат на повреди, а бидејќи сите тројца требаше да бидат членови на почетните петорки во тие улоги ќе ги заменат Џоел Ембиид, Џа Морант и Лаури Марканен.
Бекот на актуелните НБА прваци, тимот на Голден Стејт Вориорс, Стев Кари мораше да го откаже настапот поради повреда на левото колено.
Кевин Дјурант, кој на последниот ден од преодниот рок Бруклин Нетс ги замени со Феникс Санс, сѐ уште не е закрепнат од повредата на лигаментите на десното колено.
Кошаркарот на Њу Орлеанс Пеликанс, Зион Вилијамнсон, пак, е надвор од терените од 2-ри јануари, поради проблеми со ишијас на десната нога.
Наместо Ембиид, Морант и Марканен како резерви на „Ол-стар“ натпреварот влетуваат Ентони Едвардс од Минесота Томберволфс, Де’Арон Фокс од Сакраменто Кингс и Паскал Сијакам од Торонто Репторс.
За Едвардс и Фокс ова ќе биде првиот настап на „Ол-стар“ викендот, а за Сијакам вториот.