Министерската за одбрана Радмила Шекеринска во вечерашното интервју за емисијата „Трилинг“ на телевизијата 24 Вести истакна дека не треба да им се дава внимание на вестите, кои ги разнишуваат меѓусоседските односи, како таа со објавување картата од Голема Бугарија од страна на нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов.
„Картата објавена од страна на министерот за одбрана на Бугарија ја доживеав како знак на неговата слабост. Кога немате што да кажете за денес, ќе се вртите кон историјата. Кога нема што да понудите за граѓаните, за државата, за регионот, тогаш почнувате кавги. Јас не мислам дека треба да се влегува во тие кавги. Затоа што со тоа се навредуваат и иритираат соседите, не само Северна Македонија, а притоа ништо не се постигнува. Мислам дека голем број од тие вести стануваат само вести заради тоа што кај нас многу голем третман им даваме, и затоа мислам дека тоа не треба да го правиме“, рече Шекеринска.
Министерката се осврна на изјавата за наводно поседување на бугарско државјанство на македонски политичари од ВМРО-ДПМНЕ објавена од нејзиниот бугарски колега по должност, која исто така предизвика медиумско внимание.
„Како што мислам дека не треба да бидеме маша или мегафон во неговите раце во други прилики, и сега мислам дека грешиме што му даваме толку голем медиумски, па и политички простор“, рече Шекеринска.
Во однос на тоа дали е нормално објавувањето на карта од голема Македонија од страна владиката Агатангел, Шекеринска рече дека тој тип на размена на мапи, луѓето се хранат меѓусебно.
„Како што не сакам да се мешам во работите на Бугарија, не сакам и таа да се меша во нашите работи, а и едните и другите да не се мешаме во црковните работи. Тоа бара една пристојност, којашто честопати некои колеги ја забораваат. Не мислам дека е тоа тема со која треба многу да се занимаваме. Изјавите како и мапите и некои од другите настапи, не се во духот на Договорот за пријателство. И дефинитивно се стимулирани од предизборната кампања. И затоа мислам дека не треба ние да бидеме пиони во предизборните кавги и предизборните мегдани на соседна Бугарија, подвлече Шекеринска.
Во интервјуто за „Трилинг“, Шекеринска се осврна и на блокадата на Собранието и однесувањето на опозицијата и рече дека грешка на владејачкото мнозинство, што попуштило на притисоците, и не го сменило Деловникот, за да им се овозможи на пратениците инфицирани со коронавирусот да учествуваат во неговата работа, а тоа опозицијата го користи.
„Тоа не е во ред. Сега јас не знам дали законот од кој зависи финансиската поддршка на илјадници фирми во сред пандемија е блокирана, меѓудругото, заради ваквото однесување. Пари кои Македонија може да ги добие од СБ од ЕБОР или од некои други финансиски институции се блокирани со такви бесконечни дискусии“, рече Шекеринска.
За шпекулациите околу формирање на ново парламентарно мнозинство, Шекеринска вели дека за многу работи кои опозицијата зборувала дека ќе се случат, не се случиле.
„Година дена тие зборуваат еве само што не сме го направиле мнозинството, исто како што цела година зборуваа само што не сме победиле со 100.000 гласови разлика. Така велеше Мицкоски на изборите 15-ти јули. И едното и другото го демантираше времето“, подвлече министерката за одбрана