Мотото на БЕСА на Биљал Касами во предреферендумската кампања ќе биде „Да, во ЕУ и НАТО како Албанци, а не како процент“. Како и „Алијансата на Албанците“ така и БЕСА ќе чека менување на Уставот за да ги испорачаат свите барања.
Самото мото на кампањата на партиското крило на Касами, покажува дека кога ќе се отвори Уставот и тие ќе имаат свои предлози. Генералниот секретар, Аријанит Хоџа, рече дека правниот тим на партијата се подготвува за оваа фаза за кога ќе дојде време, да ги кажат нивните политички ставови.
„Како што кажавме и претходно, на прес конференција. Во овој процес сме поделени во две фази, во оваа фаза разговараме за референдумот, а кога ќе дојдат уставните измени секако дека ќе разговараме за прашањата кои ќе се отворат тогаш, изјави Аријанит Хоџа, генерален секретар на БЕСА
Хоџа најави дека неговата партија ќе побара повлекување на терминот 20 отсто и негова замена со термините албански народ и албански јазик. Хоџа не сакаше да открие дали за оваа можност веќе разговарале со премиерот, велејќи дека тоа е втората фаза од целиот процес.
Во првата, токму со ова ветување ќе го мотивираат членството што помасовно да излезе на референдумот и да гласа „за“.