Дактилните патеки ќе им го олеснат секојдневието на слепите лица

Ќе започне изградбата на патеки за слепи лица од седиштето на Сојузот за слепи до централното градско подрачје, односно до плоштадот Македонија, најави неодамна министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Тој додаде дека ќе биде и иницирана законска измена со која што ќе се создаде и обврска за општините во централните градски подрачја и градските паркови, а се со цел продолжување на континуираната поддршка на оваа категорија граѓани и исполнување на нивните потреби.

Патеките за слепи лица се дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ каде стои дека согласно реалната потреба на слепите лица, ќе се изградат гумирани помошни патеки кои значително ќе им го олеснат движењето по фреквентните места во Скопје, а и во другите градови низ Македонија во зависност од тоа каде ќе има простор и потреба. Со овој проект на слепите лица ќе им се овозможи полесно завршување на своите обврски, посоодветен пристап до јавните институции и поголема интеграција во општествениот живот.

-Како надлежно Министерство и како Влада и понатаму ќе спроведуваме проекти со кои континуирано ќе се подобрува животот на овие лица, потенцираше министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Неодамна, советниците на ВМРО-ДПМНЕ од Центар побараа да се изградат дактилни патеки за слепите лица на територијата на оваа општина. Во предлогот е наведено дека вакви дактилни патеки треба да се изградат кај „Рајко Жинзифов“, „Иван Милутиновиќ“ и „Костурски херои“. Ваквие патеки ќе го олеснат секојдневието на лицата со оштетен вид.