
Евтината тарифа на струјата е пред укинување. Неофицијално, во Регулаторната комисија за енергетика последниов период на големо се прават аналзии дали и натаму да остане евтината струја за граѓаните. Побаравме официјален став од регулаторот, но тој ни соопшти дека засега не може да коментира. Сепак добивме потврда дека преговори на оваа тема се водат. Подетални информации од Регулаторната комисија за енергетика најавија до крајот на неделава.
По стапувањето на сила на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, исто така беше отворено прашањето за укинување на евтината тарифа на струјата. Од Европската Енергетска Заедница беше посочено дека укинувањето ќе биде неминовно со образложение дека никаде во Европа не постои ваква поволност за граѓаните. Сепак и покрај притисокот, властите во земјава тогаш одлучија евтината струја да остане. Сега одлуката може да се очекува да биде официјализирана по формирањето на новата Влада. По ова ќе следува и двомесечен период на таканаречена адаптација кога ќе треба да се штелуваат броилата.