Имајќи во предвид дека Грција кон крајот на јуни би можела да банкротира поради долгот кон ММФ, а дека Банката на Грција соопшти дека, доколку не се постигне договор, оваа земја најверојатно ќе го напушти еврото и Европската унија, па се поставува прашање како точно ќе се одрази врз туристите и што треба да знаете ако планирате таму да го поминете одморот годинава.
Покрај тоа што во изминатите денови, граѓаните беа предупредувани дека ако одат во Грција задолжително да понесат готовина, српскиот портал travelmgazine.rs, наведува неколку клучни работи што би требало да ги имате во предвид пред да тргнете на одмор.
- Крајниот рок за Грција, за исплата на ратата од кредитот е 30-ти јуни. Што ќе се случи во поглед на еврото, ако баш тогаш се најдете таму?
Почетокот на јули е навистина добро време за уживање на јонските острови, затоа што времето е добро, Медитеранот се затоплува, а сеуште ги нема августовските гужви. Иако, следните денови ќе бидат исклучително стресни за Грците, поголемиот број туристи тоа нема да го почувствуваат. Советот е да понесете доволно евра во готовина за да можете да ги платите вашите трошоци. Моментално нема никакви проблеми со користење на картичките на грчките банкомати. Но, во овој момент е ризично целосно да се потпрете на картичките, затоа што постои теоретска можност банкоматите да останат без готовина или да бидат исклучени. Дури и ако Грција официјално го напушти еврото, трговците и понатаму ќе го прифаќаат.
- Ако некој планира со авион да оди на одмор, дали во случај на најлошото сценарио, авиокомпаниите може да одбијат да летаат поради загриженоста за горивото или надоместокот за услугите за контрола на летот?
Авиокомпаниите нема да ги укинат летовите, напротив, нив ги радува профитабилната летна сезона и летовите кон оваа земја. Во случај да дојде до недостиг на гориво, авиокомпаниите едноставно ќе се снабдуваат со потребната количина гориво за повратен лер. Имајќи во предвид колку многу Грција зависи од туризмот и колкава заработка има од летовите, многу малку е веројатно дека ситуацијата ќе влијае врз контролата на летањето.
- Дали ќе мора да се вади виза за Грција, доколку планирате да одите на одмор, на пример во септември?
Не, затоа што ако Грција веднаш одлучи да го напушти еврото, отстапувањето од ЕУ би траело доста долго, а и во тој случај останува отворено прашањето за кои држави Грција би вовела визи.
- Дали ситуацијата во Грција ќе се одрази на туристите во Кипар?
Економските ефекти од грчката одлука ќе се почувтсвуваат и во ЕУ и во извесна мера ќе и погодат сите земји членки, но тоа никако нема да влијае врз туристите ова лето. За сите патници што планираат да го поминат одморот во Кипар, единствен совет, како мерка на претпазливост е да понесат со себе готовина во евра.
- Дали е паметно уште сега да резервирате сместување во Грција за наредната година или, сепак би требало да се почека следната година?
Би требало да се почека, затоа што доколку Грција го напушти еврото како валута, можно е цените на голем број производи и услуги да бидат пониски – некои економисти шпекулираат дека се можни дури 40 отсто девалвација. Тоа значи дека доколку сега се обврзете на некоја цена во евра, а Грција ја напушти еврозоната, тогаш ќе платите многу повеќе отколку што е потребно.