Откако потпретседателката на Надзорниот одбор и акционер во Фершпед АД, Кираца Трајковска, со јавно известување им се обрати на сите акционери и вработени во Фершпед со обвинувања дека Штерјо Наков и неговиот син Драган, вршат невиден притисок врз акционерите кои се вработени во фирмата, како и врз акционерите кои се пензионирани, имаше доста коментари на интернет и по социјалните мрежи кои се во насока на потврда на овие нејзини тврдења.
Имено, според Трајковска, притисокот го прават на начин што со различни закани и дезинформирања ги принудуваат споменатите акционери да потпишуваат бланко полномошна за застапување на нивни интереси на вонредното Собрание на акционери, за кое не е закажано ниту место, ниту време на одржување, ниту постои јавна објава со дневен ред.
Извесна Лидија во свој коментар на интернет, по повод случувањата во Фершпед, вели дека „Драган Наков од кога е вработен ја краде фирмата“.
„Сите знаат дека зема процент од секоја зделка, еден денар од секој продаден литар на камионите кои полнат на бензиската пумпа „Јане 98“ во Неготино. Тоа се во просек околу 200 камиони, кои возат за Фе-Ни. Секој полни по околу 180 литри или околу 36 илјади денари на ден или околу 800.000 денари месечно,“ вели Лидија и во коментарот го прашува Драган, како инаку ќе шопингува во Солун и како ќе купува од неговите омилени брендови Пол&Шарк, Армани и Бос.
„Како ќе купуваш часовници од 5000-6000 евра и тоа по минимум еден месечно. Како ќе ја задоволуваш твојата сакана швалерица Наташа Фигурела. Како ќе и купуваш хаљини, дијаманти, часовници, коли. Драгане, Драгане кој ја купи опремата за нејзиното студио. Еееееее Драгане, Драгане готово е. Нема веќе да имаш сон. Ова е само почеток. Допрва ќе излегуваат сите матни работи,“ обвинува извесната Лидија.
Трајковска во своето соопштение укажува и на негативниот тренд во работењето и своевидното нестручно и незаконско работење на одредени членови на Управниот и Надзорниот одбор. Го наведува и процесот на континуирана пресија врз вработените, неосновано казнување, како и отсуство на здрава и нормална средина за работа. За, тоа впрочем и сведочи и коментарот на интернет на вработен под псевдоним „Александар Палас“.
„Драган Наков вчера дојде во Палас и ни се закануваше на сите вработени. Ни се закануваше дека тој да бил на местото на татко му немало да се дере, туку и ќе мавал по нас вработените, ние сме биле кучиња и малку ни било татко му што ни се дерел и требало ќотек да јадеме. Нека одговори господинот Драган Наков зошто има земено дуќан под кирија во Палас и продава саати и никој не купува, па мора од Фершпед пари да префрла на неговата фирма ’Триаголник’ како спонзорство и тоа 30.000 евра за една година.А, башка што дуќанот го има земено за 200 евра, а обично се издаваат по 700-800 евра! Епа дојде време да се стави крај на нивното к**чење, кој сака нека биде само они да не бидат“, се вели во коментарот на вработениот со псевдоним „Александар Палас“.
Во друг коментар, од извесен Андреј, се вели дека парите кои се земени од акционерите со камати, наводно достигнуваат и до фантастични осум милиони евра.
„Не се пет милиони евра. Заедно со каматата се осум милиони евра, пари кои се земени од нас акционерите на Фершпед. А тоа е само она што се знае, а само може да се нагаѓа уште колку вакви зделки со наши пари (на акционерите и вработените на Фершпед) се направени. Господ да ни е на помош со фамилијата Накови,“ вели извесен Андреј.
Во реакцијата за состојбата во Фершпед, се наведуваат и други бизниси во кои Наков е вмешан.
„Нека каже Штерјо, како на некого му дал пет милиони евра за да се купат ’Макошпед’ и ’Технометал’. Парите уште не се вратени и дали е Штерјо таму ортак. За пет милиони евра годишна камата од пет отсто е 250.000 евра годишно. За 12 години тоа е сума од три милиони евра кај што Фершпед е оштетен, само по основ на камати. Кој знае уште колку такви комбинации има?“, прашува Андреј.
Штерјо Наков молчи за обвинувањата од страна на Трајковска, син му Драган не сака да го прашуваат глупости
Кираца Трајковска ги пријавила во полиција Штерјо Наков, Драган Наков и Иван Петровски и дала изјава дека со нивна наредба не и’ било дозволено да влезе во фирмата, која како што наведува ја создавале со години.
Од МВР потврдуваат дека вчера (први декември ) околу 11 часот имале поплака од лицето К.Т. од Скопје дека и’ бил оневозможен влез во фирмата и во случајот ќе постапуваат според истата. Односно преку покана ќе ги повикаат на разговор во полиција, луѓето посочени во поплаката.
Трајковска како потпретседателка на Надзорниот одбор и акционер во Фершпед АД на 28.11.2013 поднела барање и за свикување на вонредно Собрание на акционери на Фершпед АД Скопје до Управниот одбор. Барањето го поднела поради негативниот тренд во работењето и своевидното нестручно и незаконско работење на одредени членови на Управниот и Надзорниот одбор, за да се сопре процесот на континуирана пресија врз вработените, неосновано казнување, како и да се создадат услови на здрава и нормална работна средина со цел да се зачува имотот на Друштвото и лично да се изземе од одговорноста пред акционерите и Законот за негативните трендови, состојби и дејствија во Друштвото, на кои веќе подолг временски период укажував.
Ова барање на Трајковска за вонредно Собрание го потврдуваат и од компанијата Фершпед, кои со свое соопштение излегоа на Македонска берза.
„Во архивата на друштвото примено е писмено барање на еден од поголемите акционери, за свикување и одржување на вонредно акционерско собрание. Во согласност со одредбите од законот и статутот на друштвото, веднаш е пристапено кон припрема на седницата на собранието. Објавата за одржување на седницата на вонредното собрание на акционери заедно со дневниот ред ќе биде направена кога за тоа ќе бидат добиени предлози од акционерот кој е иницијатор за свикување на вонредната седница,“ се вели во соопштението на Фершпед.
Според познавачите на состојбите се уште е рано да се каже дали последната ситуација ќе влијае врз цената на акциите на Фершпед. Македонскиот пазар на берза генерално е мал и неликвиден, па оттука вакви сензибилни информации, немаат некое поголемо влијание врз цената на акциите.
„Прерано е да се каже дали цената на акциите ќе паѓа. Се зависи како ќе се одвива ситуацијата понатаму. Многу зависи на пример, дали еден од нив ќе го преземе управувањето. Барем до сега, на пазарот на берзата не се случуваат некои драстични активности, иако би требало,“вели еден брокер кој сакаше да остане анонимен.
Обвинетиот Штерјо Наков не одговори на нашиот повик и порака во која го замоливме да се произнесе со коментар за обвинувањата од страна на Трајковска во соопштението до јавноста и до акционерите.
Го побаравме и неговиот син Драган Наков, кој исто така е обвинет во соопштението од страна на Трајковска. Откако му се јавивме и се претставивме од каде го бараме, без да ни го слушне прашањето, накусо изјави „Не ме прашувајте глупости. Не ме прашувајте за Фершпед.“
Му предочивме дека се уште не ни го слушнал прашање и се произнесува со одговор, на што накратко одговори.
„Сега сум на пат, возам накај Куманово. Побарајте ме подоцна, можете да се видиме во канцеларија кај мене.“