Премиерот Зоран Заев и криминалниот картел на власт не работат во интерес на граѓаните и државата, туку само за себе и бизнисите на своите блиски, ова денеска на прес конференција го потенцираше Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Буџетот и државните институции им служат единствено за задоволување на партиските потреби и исплата на долговите и обврските што ги презеде Зоран Заев пред изборите. Зоран Заев го наполни премиерскиот кабинет со 56 советници, а што е најтрагично како негови советници фигурираа и се уште фигурираат лица со средно образование, со криминални досиеја и без ниту еден резултат зад нив. Трагедија е што сето ова го плаќаат граѓаните. Владата на Зоран Заев веќе втор ден бега од одговор околу квалификациите на лицето Силвио Аврамовски, човек кој е тотално непознат за јавноста, но сепак Зоран Заев си го назначил за надворешен соработник за економски прашања и зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блиски Исток. Јавноста ја интересира дали со нивни пари се плаќа човек кој учествувал во вооружен инцидент и пукал во припадник на безбедносните сили?, прашува Арсовски.
Тој повторно прашува, дали Силвио Аврамовски во локалот „Ин да клаб“ во Тетово пукал и потоа бил процесуиран од страна на истражните органи? Дали Силвио Аврамовски бил осуден за вооружениот инцидент и одлежал казна затвор? Дали можеби Силвио Аврамовски потоа бил помилуван?
-СДСМ може да се обидува да глуми опозиција колку сака, но фактичката состојба вели дека имаат обврска да кажат каде ги трошат парите на граѓаните. Следниот друг скандал го отсликува односот на СДСМ кон медиумите. Имено, во моментов на советничката листа на Зоран Заев е ангажирањето на Ѓорѓи Калајџиев. Овој човек од позицијата одговорен уредник на регионалната телевизија ВИС во Струмица е ангажиран за советник на премиерот Заев. Тој патем, се уште е новинар па се поставува прашањето дали е етички еден новинар истовремено да биде и новинар и советник на премиерот. Дали овој човек со парите на граѓаните истовремено ќе има задача да ги велича политиките на СДСМ и Заев, токму во медиумот кај што е новинар во моментов? Дали Ѓорѓи Калајџиев го оди патот на Роберт Поповски и Мухамед Зекири кои од новинари што правеа интервјуа на Заев, добија државни функции и високи позиции и со тоа им се исплати нивниот ангажман во време кога беа новинари претходно? Зоран Заев ја потценува интелигенцијата на граѓаните и ги девалвира институциите. Како советници ангажира некомпетентни и неспособни кадри, лица со криминални досиеја и сомнително минато чија што единствена препорака е тоа што се премногу блиски на премиерот и тој одлучил неговите долгови кон нив да ги расчистува со парите од буџетот на граѓаните, истакнува Арсовски.
Тој вели и дека над половина милион евра Заев со парите на граѓаните ги плаќа своите советници, од кои најголем дел од нив по ниту еден критериум во нормална Влада не би биле советници на ниту еден Премиер на Светот.
-Доколку информациите за сомнителното минато и некомпетентноста на советникот Аврамовски се точни, истиот треба уште веднаш да се повлече од функцијата. Доколку информациите за ангажманот на Ѓорѓи Калајџиев се точни тогаш тој треба уште веднаш да се повлече од функцијата како советник на Заев. Зоран Заев ја потценува интелигенцијата на целиот народ. Зоран Заев си поигрува со граѓаните и ги расфрла нивните пари. Ова лудило мора да прекине, а овој криминален картел мора веднаш да се разбие и да падне, рече Арсовски.