Министерот за здравство Венко Филипче трет ден молчи за милионските набавки на фирмата „Кубис Медикал“, на коишто им потпишува милионски тендери, додека јавноста ја лаже дека само што не стигнале вакцините, а секој ден умираат по десетина наши сограѓани како последица од коронавирусот. Која е „Кубис Медикал“, фирмата миленик на Филипче за добивање тендери? Дали зад „Кубис Медикал“ всушност се крие „Синерџи“, на Горан Филипов, партнерот на Филипче со кој неговата тешта гради куќа на падините на Водно? Дали за „Кубис Медикал“ се крие „Синерџи“ која од државата откако е Филипче министер испумпала седум милиони евра во тендери, праша во четвртокот Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Создава ли Филипче нова здравствена мафија, на чие чело е самиот тој и неговата фамилија, како и неколку семејства во чиј посед се веледрогерии и фармацевтски гиганти? Филипче гради бизнис-империја на неколку поединци, чиишто врски одат директно до него. Здравството и буџетот на министерството наместо за подобрување на условите во болниците, набавка на вакцини и лекови, се користат за тендер шеми и богатење на поединци. Не е чудо што сѐ уште нема вакцини, кога ќе погледнеме дека министерот за здравство е зафатен со потпишување тендери“, рече портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на енешната прес конференција.
Стоилковски посочи дека фирмата „миленик на Филипче“ во последните три години добила државни тендери во здравството од пет милиони евра и дека тоа е истата таа фирма, за којашто министерот за здравство потпишал одлука за набавка на томографи за 15 милиони поскапи од првично понуденото од истата.
„Филипче наместо да потпишува тендери, да каже до каде се вакцините, зошто на крај ќе има одговорност и за сите матни тендери што ги потпишал, но и за ненабавката на вакцини“, додава Стоилковски.