Дали Заеви се странски инвеститори во најмалку две европски држави, праша Николоски

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, носител на листата на кандидати за пратеници од ИЕ 4 синоќа во Прилеп рече дека токму во тој град ќе има победа, ќе има победа со седум илјади гласа разлика, ќе има победа во цела Македонија.

„Очекувам победа во цела Македонија, во 4 ИЕ, најголема победа во Прилеп затоа што знам дека од тука ќе почне победата на 15 јули ќе ги поразиме и нема да знаат што им се случило“, рече Николоски.

Ова што се случува во Прилеп во овие три години е слика за цела Македонија, а тоа е корупција, криминал, рече Николоски и посочи дека во Прилеп дојдоа две странски инвестиции и се откажаа кога дојде Заев.

Николоски рече дека Заев и СДСМ не направија ништо освен што го запреа патот од Градско до Прилеп, што ги излажаа и понижија тутунарите, и не го ценеа нивниот труд, а дозволија да им го откупуваат тутунот по ниски цени.

„Ние за пензионерите ќе донесеме подостоинствени пензионерски денови, за работниците нови инвестиции, да има сигурни работни места“, рече Николоски.

Николоски од Прилеп упати и неколку прашања до Заев.

„Со кој образ го чува за директор на Тутунскиот комбинат што зема три и пол илјади евра плата месечно, или пет и пол илјади евра бруто, а едно цело македонско семејство заработува толку за една година. Како ќе ги погледне тутунарите во очи. Како ќе ги погледне пензионерите, невработените и сите граѓани на Прилеп. Странски инвестиции нема, што нема, ама дали неговото семејство се јавува како странски инвеститор во најмалку две европски држави, го повикувам да одговори ако не јас ќе дадам документи на јавноста и да видат граѓаните како станаа најбогато семејство на Балканот. Го прашувам и дали ќе продолжи да преговара за историјата со Бугарија, дали е таксано дека Гоце Делчев не е Македонец“, рече Николоски.

Николоски посочи дека Заев бега од дуел, од дебата, но оти тој очекува од него одговори, затоа што ако Заев не им даде одговори на граѓаните тој ќе го стори тоа.