
Во предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, членовите на Советот на Агенцијата, кои досега беа хонорарно ангажирани, сега ќе бидат професионално ангажирани со месечен надомест во висина до четири просечни месечни плати. Aко биде усвоена оваа промена, тоа би значело доплнително оптоварување на државниот буџет за работата на Агенцијата.
Освен дека работењето на ААВМУ повеќе нема да се финансира од радиодифузната такса, туку од Буџетот на Република Македонија, новина е и тоа дека наместо досегашниот мандат од седум години на членовите на Советот на ААВМУ, сега ќе биде пет години.
Владата, односно министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој е предлагач на измените, предвидува членовите на Советот да ги именува Собранието со двотретинско мнозинство, како што всушност беше и досега, но, се јавува еден дискриминирачки момент, во однос на тоа кој може да ги предложи тие членови.
Во предлог-законот стои дека оние кои ќе сакаат да станат членови на Советот се пријавуваат на јавен конкурс, должни се да достават апликација и писма за поддршка од:
- Две граѓански организации кои се активни подолго од пет години и кои постигнале резултати во сферата на медиумите и човековите права или
- од здружение на новинарите или
- од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници или
- од две високо-образовни установи кои имаат студиски програми од областа на комуникологијата, новинарството, културата, економијата или правото.
Се поставува прашањето зошто апликантите да бараат поддршка само од Здружение на новинарите (ЗНМ), а не и од Асоцијацијта на новинари (МАН), која има побројно членство од ЗНМ?
Исто така, зошто приматот се става на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, кога во државава постои и Независен синдикат на новинари на Македонија?
Значи ли тоа дека членовите на МАН и на Независниот синдикат нема да можат да аплицираат за членови на Советот на Агенцијата?
Очигледно, наместо демократизација на медиумскиот простор се оди на негова партизација, нешто за што сегашната власт постојано пробематизираше кога беше во опозиција. Всушност излегува дека за неа не беше проблем политичката канџа врз медиумите за што упорно и без докази обвинуваше, туку проблемот бил тоа што таа не ги контролирала медиумите.
Од Асоцијацијата на новинари (МАН) во однос на новиот предлог закон за Агенцијата за медиуми, велат дека со ставањето во закон на новинарската асоцијација ЗНМ новата власт сама себе се легитимира како недемократска и власт која манипулира со медиумите и со јавноста.
МАН е најголемата новинарска асоцијација која владата и нивниот закон ја игнорираат бидејќи не ја контролираат и ја ставаат на страна од постапката и членството во Советот на Агенцијата за медиуми. По ова новинарите немаат избор, ЗНМ кои две децении работат за СДСМ стануваат дел од Законот за медиуми, а секое поинакво организирање на новинарите, особено оние кои не се под контрола на власта е -надвор од закон. Но новинарите тоа не го прифаќаат и ние знаеме што и како треба да правиме понатаму. А, на прашањето што ќе преземеме, одговорот е: Следиме и учиме од вакви ситуации кон новинарите во Кореа, Венецуела и слични примери, велат од МАН.
Осуда за дискриминаторскиот дискурс во предлог законот за Агенцијата за медиуми доаѓа и од Независен синдикат на новинари на Македонија, кој сосема се исклучени, на сметка на Синдикатот под раководство на Тамара Чаусидис. И оттаму сметаат дека станува збор за исполитизирана игра, која во никој случај нема да продуцира независност и слобода во медиумскиот простор.
Дека, под плаштот на некакво најдобро можно решение за медиумските реформи што треба да обезбеди целосна независност во уредувачката политика, се кријат само декалративни и популистички изјави, говори и новиот начин на фиансирање на националниот сервис. Независноста и непартизираноста на јавниот сервис, според Владата ќе се обеззбеди со укинувње на радиодифузната такса и финансирање на медиумот од државниот буџет?! Чудно е каква автономија на медиумот се најавува кога тој ќе биде финансиран од буџетот, а притоа треба критички да ја опсервира работата на Владата, и притоа да биде „комплетно непристрасен и независен од политички, комерцијални и други влијанија и идеологии“.
Сметаме дека ослободувањето од плаќањето на оваа задолжителна јавна давачка е најповолно решение за граѓаните на Република Македонија, како за корисниците на јавниот сервис, така и за оние што не се негови корисници. Затоа предлагаме тој приход, кој сега го добива МТВ преку собирање на оваа давачка да се финансира од Буџетот на Република Македонија и тоа во износ од 0,7 отсто од вкупниот Буџет на годишно ниво. Во овој процент влегуваат и износите што ќе се распределат на Македонската радиодифузија и ААВМУ, согласно досегашната процентуална распределба на средствата. Само на овој начин може да се очекува институционална автономија на јавниот радиодфузен сервис, која автономија ќе придонесе за независна уредувачка политика и одржливо финансирање на јавниот радиодифузен сервис, стои во образложението во новиот предлог-закон.
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е донесен во декември 2013 година. Од донесувањето до денес извршени се пет измени и дополнувања на законот.