Пред граѓаните собрани на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред истражниот затвор во Шуто Оризари се обрати Драган Данев. Тој кажа дека граѓаните скоро секој ден се собираат барајќи само едно, правда и човечност.
„За седум дена нашите судии пак ќе одлучуваат за правдата, односно за слободата на нашите браќа и сестри кои сега се на другата страна од оваа ограда. Јас ги замолувам, од моето лично име и од името на сите нас, на сите чесни и искрени граѓани на Република Македонија, да судат човечно, да одлучуваат по правда, а не по политички инструирани одлуки донесени некаде надвор од судовите“, рече Данев.
Кажа дека сме во предвечерието на големиот верски празник Свети Никола, празник кој го слават многу граѓани и семејства низ државата и многу Македонци и православни граѓани на оваа земја.
„Ги молам сите во името на овој голем светец, да им даде многу здравје, да ги штити од секакви неволји и од овој прогон, нашите браќа и сестри што се од другата страна на оваа ограда. Правдата кога тогаш ќе победи, правдата е спора но секогаш на крајот доаѓа. Сите ние веруваме во неа, веруваме во судството кое што сигурно има, имало и ќе има луѓе кои што судат по словото на правото и после шест дена ќе донесат правилна одлука, овие наши браќа и сестри за Нова година и Божиќ да бидат со своите семејства“, рече Данев.
Кажа дека нив ги чекаат дома дечињата, затоа замоли оние што одлучуваат за судбината на овие луѓе, да одлучуваат по словото на правдата и човечноста која ја краси Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува и утре со протестите, утре граѓаните во 18:00 ќе излезат пред Министерството за правда.