Подобро е да се создаваат услови за отворање на нови работни места и да се понудат соодветни субвенции за сите категории на граѓани отколку да се продава чиста демагогија, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев во дебатата за минималната плата во Собранието на Република Македонија.
Ве молам дајте ми барем еден предлог проект, закон со кој било која Влада на СДСМ барем еднаш го стимулираше вработувањето во Република Македонија освен познатиот Бранков Закон. Да не зборувам за минимална плата тоа во ваше време беше мислена именка. Секој може се да предложи особено пред избори, но проблемот е довербата дали тоа што е понудено е понудено од партија која има кредибилитет, додаде Данев.
Тој потсети на Законот за приватизација, кој како што рече создаде сиромаштија, а голем број на луѓе останаа на улица.
Само со еден проект и тоа Законот за приватизација, кај народот познат Закон за пљачкозација, како тој се имплементираше да ве потсетам бидејќи тоа ја создаде сиромаштијата и огромниот број на невработени во нашата држава. Намерно осиромашување на фирмите, купување од тогашните комунистички директори за кои пазарната економија беше тотоално непозната. И резултатот од сето тоа беше затворање на фирмите и најпогубно минимум 250.000 работници на улица, нагласи Данев.
Пратеникот Данев потенцираше дека минималната плата на овие работници беше 0 денари, и додаде дека со тој кредибилитет СДСМ ветува зголемување на минималната плата.