Данска ги испраќа несаканите мигранти на пуст остров

Данска има намера мигрантите со полициско досие да ги испрати на ненаселен остров на кој едни таму ќе чекаат да бидат депортирани, а другите ќе останат на неодредено време бидејќи поради ситуациите на нивните земји не може да бидат вратени во нив.

Данскиот парламент во четвртокот го усвои буџетот за 2019 година во кој е вклучен и предлогот имигрантите со кривична евиденција да се сместат на остров кој претходно бил користен за научни експерименти.

Планот го критикуваше комесарот на ОН за човекови права, а и некои во Данска го гледаат ова како јакнење на противимигрантските ставови. „Луѓето сметаат дека тоа не е решение на вистинските проблеми“, изјави Микаел Смед, градоначалник на Вирдинборг, општина во којашто спаѓа островот.

Владата има намера на своевидниот казненички остров да испрати стотина лица од кои дел набргу ќе бидат депортирани, а ќе останат оние кои не може да бидат протерани, бидејќи во нивните татковини им се заканува тортура или убиство. Островот Линдхолм претходно бил користен како лабораторија за истражување на свинскиот грип, беснило и други заразни болести и како место на кое се спалувани заразени животни. Траектот кој сообраќа до островот, така, има симболично име – „Вирус“.

Во Данска на власт е коалицијата на десниот центар со поддршка на десната антимигрантска Данска народна партија (DF). Од мигрантскиот бран во 2015 година, кој доведе до воведување контрола на копнените граници, Данска усвои стотина законски амандмани кои ги намалуваат правата на мигрантите. „Данците се луѓе кои нѐ прифаќаат, но системот, тоа е друга работа: владата вели јасно и гласно дека не сака да нѐ прими“, вели за Reuters, триесетгодишниот Дежен, барател на азил од Етиопија.

За изборната 2019 година, целта на мнозинството е јасна: да им се објасни на имигрантите и бегалците дека во Данска може да останат само привремено. Владата во парламентот го упати поради тоа и предлогот за ограничување на спојувањето на семејствата и за намалување на социјалната помош за овие категории.

„Тие мора да се вратат во својата земја и да ја обноват што е поскоро можно“, рече Мартин Хенриксен, портпарол за миграциски прашања на DF.
За истражувачот Деметри Пападеметриу, основач на Европскиот институтот за миграции, данската политика е „единствен пример на тврдост и нетолеранција“ во Европа и пошироко, во времињата кои не се поволни за мигрантите. За таквата политика, во прв ред, заслужна е партијата DF, смета тој.