„Членот 8, став 1 од Предлог законот за Јавно обвинителство сметам дека е несоодветен бидејќи презема дел од надлежностите кои што спаѓаат во Уставната материја а претходно е наведено дека овој закон се донесува врз основа на Уставот на Република Македонија“, забележа професорот Александар Даштевски на денешната втора јавна расправа во Собранието за Предлог законот за Јавно обвинителство.
Даштевски истакна дека и во членот 20 има голем број на нејаснотии укажувајќи дека мора да се наведе прецизно во законот што точно се однесува на стручни прашања додавајќи дека вака недокажано може да создаде дуализам и недоразбирање.
„Во Членот 20 се работи за колегиум, меѓутоа овде не се наведени стручни прашања само е наведено – стручни прашања, и сметам дека тука треба да се дообјасни, барем делумно. Доколку не може да се дообјасни може да се појави дуализам бидејќи знаеме дека одредени јавни обвинители имаат свои ставови и правната пракса не соодејствува. Затоа сметам дека треба да се дообјасни“, вели Даштевски.
Според Даштевски, именувањето на јавниот обвинител треба да биде само еднаш според препораките на Венецијанската комисија.
„Членот 63 по мене е најсимптоматичен. Стои дека јавниот обвинител се избира за време траење од 6 години, а го именува Собранието со право на повторно именување. Сметам дека овде не е ограничен изборот и апсолутно треба да се смени бидејќи препораката на Венецијанската комисија е да биде само еднаш на 6 години“, кажа Даштевски.
И според професорот Никола Тупанчески, законот за обвинителство има крупни номотехнички грешки и создава правна несигурност. Тој на денешната јавна расправа во Собранието во однос на Предлог законот за ЈО посочи дека членот 32 каде што се уредуваат надлежностите на ОЈО за организиран криминал и корупција, во еден ист член се користат 4 различни техники за типот на кривичните дела.
„Значи, став 1 се однесува за злосторничко здружение, понатаму времетраењето, првиот стандард, зборувам за цела наука, доктрина, не би требало во еден член 4 пати различно да се настапува во елементи, бидејќи се прејудицира правна несигурност“, вели професорот Тупанчески.