Во вчерашните вести на „АлфаТВ“ гостуваше Звонко Давидовиќ кој говореше за одлуката на шведскиот суд и појасни дека не постои кривично дело како што е прикажано во квалификацијата на обвинителството.
-Шведскиот суд смета дека се работи за политичко кривично дело за што нема да изврши екстрадиција на Дејан Давидовски Дешо. Таму шведскиот суд образложува што е по негово мислење политичко кривично дело, дека тоа е знак на револт. И дека тој револт е искажан при изборот на Претседателот на Собрание, кој требал да се спречи од некоја група на луѓе. Тоа е размислувањето на шведскиот суд, истакна Давидовиќ.
Давидовиќ додаде дека сепак одбраната тврдејќи го она во текот на постапката дека не постои кривично дело терористичко загрозување навистина било во право. И дека евентуално може да се работи за некои други кривични дела, бевме сведоци на насилството и од тоа никој не бега. Но тоа може да биде акт на насилие, учество во толпа, насилство и други кривични дела, а не кривично дело терористичко загрозување.
-И сега имаме ситуација каде што еден дел од обвинетите беа амнестирани, и сега се дома, се пратеници, си добиваат тендери. А, еден дел добија 15 години и повеќе, и еден кој воопшто нема да биде екстрадиран. Тоа не е правда, тоа не е правичност, тоа не е вистински правен систем, посочи Давидовиќ.