Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Јорданчо Давитков по победата над Косово во Приптина вчеравечер во вториот циклус од претквалификациите за ЕП 2021, изрази задоволство од играта и оцени дека „црвено-жолтите“ заслужено триумфирале.
Ова е значајна победа за овој период од годината и среќни сме поради тоа. Бевме солидни во одбраната, но немавме одговор за Бериша, кој даваше чудни кошеви од далечина. Во финишот мечот неочекувано излезе од контрола, но успеавме да ја задржиме предноста и заслужено да триумфираме. Не сакаме други да одлучуваат за нас, како што тоа беше лани со Косово и Естонија. Сега, за нас следи Романија, а со победа ќе бидеме поблиску до следната фаза од квалификациите, изјави Давитков по мечот.
Иако водеше во поголемиот дел од натпреварот Македонија на крајот славеше со 73:76 и голема победа на стартот од втората фаза од претквалификациите за Евробаскет 2021.
Најдобар во нашиот состав беше Стојан Ѓуроски, кој за 23 минути постигна 14 поени, пет скокови и три асистенции.
Следниот меч Македонија го игра во недела во Скопје, кога во СЦ „Борис Трајковски“ гостува Романија со почеток од 18:15 часот.