Дејвид Гир: Прилеп е најзелена општина и демонстрираше пример за долгорочно третирање на отпадот

Прилеп денеска и официјално го доби признанието од ЕУ за најзелена општина во 2021 година. Признанието го врачи евроамбасадорот Дејвид Гир, а општината во холот ја постави и плочата за потврда на оваа престижна награда.

На отворениот повик од 3 март, на Светскиот ден на дивиот свет од осум општини, во тесен круг биле Кавадарци и Прилеп, a теренските проверки, Прилеп го доби признанието.

Според евроамбасадорот Гир, ова е дел од Зелениот договор и Прилеп демонстрираше пример на долгорочно третирање на цврстиот отпад, има и позитивни примери во другите општини, а ЕУ досега инвестирала во повеќе проекти во градот.

– Среќен сум што може денеска да ја врачиме наградата за најзелена општина во државата. Ова беше натпревар на државно ниво, многу општини конкурираа. Има и други позитивни примери во општините, но општина Прилеп остана на врвот. Општина Прилеп демонстрираше пример на долгорочно третирање на цврстиот отпад. Се реализираше овој проект во партнерство на граѓаните со Општината. Ова се благодарност и честитки до самите граѓани на општина Прилеп. Денешната награда е дел од зелениот договор на Европската Унија и тоа е кампања која ЕУ се обидува да ја прошири на ниво на целата земја.

Гир рече дека дел од финансиската поддршка што ја дава ЕУ на Прилеп е и за пречистителната станица, за изградба на фабриката за селекција на тврдиот отпад, за нови капацитети кај Вештачкото езеро, како и во населбата со ромско население.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески со благодарност до граѓаните и високата свест за заштита на животната средина.

– Успеавме од еден пилот проект од 2008 година да направиме еколошка приказна која резултира со добивање ваква награда. Граѓаните покажаа дека преку едукација и јавната свест се стигнува до вакво реноме. Може да се пофалиме дека 40 насто од отпадот во државава го селектираме во Прилеп. Ќе имаме доизградена фабрика за селектирање на секундарниот отпад и ќе бидеме пример како се вложуваме во зачувување на екологијата во земјава, изјави Јовчески.

Државата се вклучува во зголемување на капацитетите за здрава животна средина. Со 55 милиона евра од ЕБОР ќе се градат регионални депонии, рече министерот за животна средина Насер Нуредини.

– Правиме напори за здрава животна средина. Нашите општини немаат финансики можности, затоа ние како централна власт донесовме одлука за заем од 55 милиона евра од ЕБОР за да изградиме регионални депонии. Тоа ќе му помогне и на Прилеп и на сите општини и значи дека работиме континуирано на заштитата на животната средина, рече Нуредини.

Заминк-министерот за локална сампоуправа Зоран Димитровски ја нагласи важноста на наградата и заложбата на локалната самоуправа. Уште треба да се работи на заштиотата на средината, особено кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ.

– И со почетокот на преговорите со ЕУ ќе треба сите да вложиме дополнителни напори како да ја исчистиме нашата околина, пред сѐ, тоа се однесува на отпадот од општините, со изградбата на регионалните депонии и со сето она што Владата има намера во наредниот период да го посвети, рече Димитровски.

Примарната селекција на отпадот од јавните површини е целосна, од домаќинствата е 80 насто со тендеција до стопроценти, вклучени се и 17 населени места. Од целокупниот отпад, годишно се селектираат 900 тони хартија и 100 тони пластика. Во наредниот период ќе се вклучи селекцијата и на стакло и метал, а ќе се изгради и фабриката за секундарна селекција за што се потребни дополнителни средства.