Под поимот дебелина се подразбира присуство на вишок на масно ткиво и претставува еден од најризичните фактори за нарушување на здравјето. Дебелината во раниот детски период може да влијае врз развојот на многу незаразни заболувања!
Таквите деца често имаат деформитети и тоа: рамно стопало и проблеми со колената.
Доколку дебелината во детството продолжува и во зрелоста, се создаваат артрози, дегенеративни болести на зглобовите, спондилоза, болести на кичмата, дијабетес, се појавува и замастување на црниот дроб, камен во жолчното ќесе, полицистични јајници, срцеви заболувања, како и покачен крвен притисок.
Исто така, кај дебелите луѓе често е присутна и депресијата.
Кои се причинителите?
Иако е вклучен и наследниот фактор, тој не е единствената причина, причината се должи на прекумерното јадење и премалку вежбање и физички активности.
Бидејќи родителите имаат сe’ помалку време и сила за да готват, децата редовно јадат брза храна. Ваквата храна обично изобилува со шеќери и масти, а е дефицитарна со витамини и минерали кои му се неопходни на организмот за правилен раст и развој. Почесто се пијат газирани безалкохолни пијалаци отколку природни сокови и вода.
Конзумирајте повеќе овошје и зеленчук отколку брза храна.
Заменете ги газираните сокови и ужинките богати со шеќери и масти со здрави ужинки и вода.
Служете почести оброци, но во помали количини.
Храната да биде без маснотии и по можност да не се пржи, туку да се испече или да се зготви на пареа, бидејќи готвењето на пареа е еден од најздравите методи на подготовка на храната.
Кога се готви на пареа, загубата на витамини и минерали од зеленчукот е минимален.
Појадокот е најважниот оброк во денот, затоа не дозволувајте децата да го прескокнуваат. Јадете исклучиво на маса, бидејќи само така имате контрола колку сте изеле.
Поттикнете ги децата на физичка активност – да возат велосипед, да си играат со топка, да трчаат со другарчињата итн. Бидејќи не само што се социјализираат, туку на тој начин им го ограничувате и седењето пред компјутер, играњето видео игри, кои делуваат штетно врз нивното здравје.
Можете да организирате семејни прошетки во природа, во парк, во зоолошка градина…
Мотивацијата на семејството е од особена важност во лечењето на дебелината. Затоа трудете се да стекнете здрави навики како семејство. Тие можат да му користат на вашето дете за цел живот!
„Хранете се здраво и вежбајте“!
Автор: Сертифициран нутриционист Марија Лазиќ за НетПрес
e-mail: [email protected]