Терористот Кујтим Фејзулаи, кој во понеделникот уби четири лица во центарот на Виена, честопати го посетувал малото планинско село Челопек во западниот дел на земјава, изјавил дедото на Кујтим за „Клан Македонија“.
Семејството на 20-годишниот терорист, кој беше убиен од австриската полиција по неговото дивеење низ улиците на Виена, живеело токму во селото Челопек пред да се пресели во Австрија во 2000 година.
Исламски свештеник од селото, Нури Гани, во изјава за „Клан Македонија“ рекол дека добро се познава со семејството Фејзулаи.
– Го познавам неговото семејство и секој овде зборува добро за семејството. Дури денеска дознавме дека едно лице од тоа семејство било вмешано во тероризмот. Сакам да посочам дека тероризмот нема никаква врска со исламот – рекол Гани.
Дедото на убиецот за „Клан Македонија“ рекол дека немал контакт со семејството веќе шест месеци. Тој додал и дека Кујтим секоја година доаѓал во Македонија со своето семејство.
– Секако! Секоја година доаѓаше со семејството. Вообичаено доаѓаше во станот на мајка му и татко му, но имаше и свој стан. Е, сега никој не знае што правел таму во неговиот стан. Што можеме да сториме? Тој самиот си направи беља – изјавил неговиот дедо за „Клан Македонија“.