Дефиле на велосипедисти и мотоциклисти за поголема безбедност во сообраќајот

Повеќе од 100 велосипедисти и над 30 мотоциклисти возеа на дефилето под мотото „Јас внимавам и безбедно возам“ кое се одржа денеска во Скопје. Целта на дефилето бешe да се подигне свеста за поголема безбедност на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот, како и за користењето заштитна опрема.

Дефилето го организираше Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), а партнери беа компанијата ОКТА, Министерството за внатрешни работи, Факултетот за безбедност од Скопје и Црвениот крст.

Велосипедистите и мотоциклистите тргнаа од различни локации, а дефилето го завршија на платото пред Спортскиот центар „Јане Сандански“. Велосипедистите возеа од велосипедската патека на кејот кај хотелот „Holiday Inn“, а мотоциклистите од фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк.

На манифестацијата пред присутните се обрати и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски:

„Денешниов настан, односно ова велосипедско и мотоциклистичко дефиле, за
Министерството за внатрешни работи претставува своевиден континуитет на нашата решеност за постојано унапредување на безбедноста во сообраќајот и секако за заедничко делување на сите чинители кои што на еден или друг начин имаат потенцијал и обврска да сторат сѐ за воспоставување на квалитетни сообраќајни безбедносни стандарди.

Добро е познато дека МВР заедно со РСБСП со години наназад имаат исклучително богато портфолио на заеднички кампањски, едукативни, нормативни и други проекти во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Безбедноста во сообраќајот и безбедноста на патиштата е главен фокус на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

– Во рамките на своето делување РСБСП организира и спроведува низа едукативни активности, како обуки, продукција на материјали, настани и кампањи со што конкретно работиме на поголема едукација на велосипедистите и мотоциклистите, како и на останатите учесници во сообраќајот. Покрај тоа, во континуитет работиме и на истражувања и анализи, преку кои се лоцираат слабостите во безбедноста на сообраќајот на патиштата, но и можните начини како тие да се надминат. Сепак, за поголема безбедност клучна е личната одговорност на секој учесник во сообраќајот. Затоа настаните како овој денес се многу важни, па сакам да упатам апел до јавноста – секој од нас влијае за безбедноста на сообраќајот. Затоа да бидеме внимателни и за себе и за другите и да се однесуваме одговорно – рече Гордана Кожуваровска, претседателка на РСБСП.

Во рамки на долгорочната кампања за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот „Јас внимавам“, компанијата ОКТА за учесниците во дефилето обезбеди велосипедски ѕвончиња, безбедносни велосипедски светла и заштитна кациги.

– Безбедноста на патиштата е еден од приоритетите во корпоративната стратегија за општествена одговорност на ОКТА. Затоа сме особено среќни за можноста да придонесеме на овој значаен настан и да ја потврдиме нашата долгогодишна заложба во унапредување на сообраќајната безбедност и култура во земјата. Преку платформата „Јас внимавам“, ОКТА веќе шест години по ред спроведува различни активности за едукација и поддршка на сите учесници во сообраќајот, со цел да поттикнеме поголема колективна свест и индивидуална одговорност. Безбедноста во сообраќајот е континуиран и заеднички напор. Затоа како компанија ќе продолжиме да вложуваме ресурси во создавањето на одржлива култура за побезбедни сообраќајници – истакна Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА.

Кампањата „Јас внимавам“ во 2017 година беше прогласена за најдобра национална општествено одговорна практика. Како дел од кампањата, ОКТА досега има реализирано бројни иницијативи и донации со цел да придонесе кон зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност при универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, ја истакна важноста на соработката и партнерството на различните чинители во сообраќајот. Тој додаде Факултетот за безбедност е водечка високообразовна институција чија цел е продуцирање стручни кадри кои преку современ пристап и користење ефективни алатки и тактики придонесуваат кон унапредување на безбедноста и заштитата на патиштата.

Поддршка на дефилето кое се одржа под мотото „Јас внимавам и безбедно возам“ дадоа и организациите „Мото клуб Безбедност“, „Прв до врв“ и Здружението за друмски и планински велосипедизам „Macedonian Bike Riders“.