Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, се среќаваме денес, во состојба на незапаметена пандемија што ги погодува сите сојузници и партнери и наметнува висока цена во изгубени животи, како и неочекуван и силен шок за нашите економии, се вели во Декларацијата.
„Изразуваме најдлабоко сочувство до сите жртви на болеста коронавирус и до сите оние погодени од нејзините последици. Оддаваме признание на здравствените работници, како и на сите други што се во првите редови во нашата битка против овој вирус. Овде спаѓаат мажите и жените во униформа што продолжуваат секојдневно да работат за нашата колективна безбедност. И им благодариме на нашите граѓани што разбираат дека, работејќи заедно, побрзо ќе го поразиме овој предизвик и ќе спасиме животи.
НАТО ја врши својата функција. Сојузниците се поддржуваат меѓу себе – вклучително и со медицински лица, болнички кревети, витална медицинска опрема, како и со најдобри практики и идеи за борба против оваа смртоносна болест. Вршиме воздушен транспорт на клучни медицински резерви насекаде низ светот, суштински материјали и клучна опрема од воени и цивилни извори и го насочуваме нашето медицинско, научно и технолошко знаење и ресурси за да помогнеме во испорачувањето иновативни одговори. Сојузниците, исто така, работат заедно за да осигурат јавен пристап до транспарентни, навремени и точни информации, кои се клучни за надминување на оваа пандемија и борба против дезинформациите. Поради тоа што ни е потребен координиран и сеопфатен пристап, НАТО е во тесна соработка со други меѓународни организации, вклучувајќи ги и Обединетите Нации, Светската здравствена организација и Европската Унија.
Дури и кога правиме апсолутно максимални напори да го запреме, а потоа и надминеме овој предизвик, НАТО останува активно, фокусирано и спремно за да ги изврши своите основни задачи: колективна одбрана, управување со кризи и заедничка безбедност. Нашата способност да ги водиме нашите операции и да гарантираме задржување и одбрана против сите закани со кои сме соочени не е доведена во прашање. Денес донесовме и дополнителни одлуки за зајакнување на улогата на НАТО во соочување со сегашните и идни безбедносни предизвици.
Ја поздравуваме Северна Македонија како 30-ти сојузник на НАТО. Додека се соочуваме со овој незапаметен предизвик, нашите 30 нации стојат заедно во солидарност и трансатлантско единство“, се вели во Декларацијата.