Ние во Македонија веќе предолго живееме во бесмислен универзум. Бог го создал универзумот и потоа си заминал, оставајќи ја Македонија без јасно пропишана цел. Затоа кај нас секој, ама баш секој измислува своја цел. Кога си слабо образован за реалноста, ќе направиш објаснување што и не мора да е логично, а потоа ќе се обидеш да ја споделиш својата заблуда со другите, како начин да рационализираш дека си во право. Во Македонија доживуваме епидемија на заблуди во политичките ставови и размислувања кои пркосат на логиката, доказите и политичката наука. На антрополозите одамна им е познато дека општествата под голем стрес понекогаш ќе развијат детални алтернативни реалности кои објаснуваат и поттикнуваат, но само во смисла на врамени заблуди.
Токму тоа се случува во Македонија со писмата на лидерот на ДУИ, адресирајќи ги до кого стигне. Заблудите во политиката на Али Ахмети се речиси апсурдни по својот ефект. Идејата позади писмата не е ништо друго до една голема политичка заблуда. Она што се обидува преку писмата да креира е лажна политичка ситуација во обид да ги оправда своите заблуди, не разбирајќи дека политиката не функционира на тој начин. Лидерот на ДУИ со писмата ја маркира својата непромисленост, мегаломанија, бизарна самоопсесија и политички ставови кои тешко може да се карактеризираат како такви. Со тоа го изнесе на виделина фактот дека во срцето на заблудите во политика можеби е заблуден политичар – за кого заштитата на стекнатите позиции во власта во последните 20 години, станаа поважна од прифаќањето на вистината. Што поточно прави али Ахмети во моментов? Својата етничка припадност и идентитет ги услогласува со партискиот идентитет, кога тврди дека е единствен легитимен претставник на интересите на албанците во Македонија. Како политичар треба целосно да ги убеди своите поддржувачи во неговите перцепции за да ги натера да дејствуваат според нив. Политичкиот исход на неговата политичка заблуда вклучува себичност, незнаење, омраза и други негативни мотиви. И очајна потреба од власт по секоја цена. Наведување на негативни мотиви и политичко водство е клучна динамична основна на афективна поларизација во општеството кон која цели Али Ахмети.
Преку неговите заблуди во политиката Али Ахмети се обидува да ги задоволи своите политички апетити и да се чувствува повторно моќен. Негативната страна за неговите политички потези не е само отстапување од реалноста, туку нешто многу полошо – имено, апокалиптичниот импулс да се отфрли сè настрана вклучувајќи ја демократијата и меѓуетничкиот баланс во државата додека е во заблуда. Верувајќи дека неговиот застарен воинствен вокабулар е адаптивен во реалноста на 2024 година, и ќе доведе до негово враќање во власта е најголемата заблуда во која верувам веќе не верува ни тој самиот. Ваквиот вокабулар ја враќа во живот тезата од времето на ладната војна кога на националните малцинства и на самите малцинства се гледаше со сомнеж поради военото соучесништво на одредени лидери на националните малцинства со нацистички цели во Централна и Источна Европа со кои директnо беше загрозен меѓународниот мир и безбедност.
Дали зборовите и заканите на лидерот на ДУИ се само смоквини листови, или евтини муабети кои ја прикриваат неговата заблуда за тоа како треба да функционира политиката во демократијата? Дали преку личните интереси на една поразена политичка опција ја тестира реалноста? Досегашната моја анализа сугерира таква цинична, инструментална употреба на празни зборови за политички цели кои се резултат на заблудата на лидерот на ДУИ, зад кои стои потребата да се биде во власта по секоја цена. Накратко, Али Ахмети во своите писма нуди целосна антидемократска митологија која треба да им се допадне на неговите поддржувачи на начин што ја дозволуваат нејзината одржливост како масовна заблуда. Али Ахмети низ писмата ги оправдува своите антидемократски заблуди како „природен“ поредок на нештата, подготвен да ги омаловажи и понижи своите сограѓани во очајна потрага по власта која исчезнува. Историјата сугерира дека многу поединци можеби никогаш нема да ја надминат таа илузија, дури и кога, или ако, резултира со целосен политички пораз. Задачата да му се помогне на лидерот на ДУИ да се ослободи од заблудата е исклучително тешка. Можеби затоа треба да се остави да живее со неа.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес