Велат дека патот до моќта е поплочан со лицемерие. Политиката е како животот, понекогаш кажувате лаги за одредени цели. Кај нас политиката не’ буди и заспива со лаги. Со цел да манипулира со слободната воља на луѓето. Манипулацијата е толку широко распространета, толку суптилна, толку ефикасна, што дури и критичните настроените поединци на моменти не успеваат да препознаат колку често, или во кој контекст станале плен. Посебно политичката манипулација има цел да им даде на масите илузија за учество во управувањето со општеството, контрола врз политичарите и елитата. Она што Заев им го понуди на „шарените револуционери“. А, овие залапаа ко сомови.
Шарени лаги за „шарени револуционери“. Додека маршираа по улиците на Скопје и фарбаа барајќи правда и одмазда, беа предмет на директна експлицитна манипулација со фактите и вистинските информациии. Преку навраќање и поттикнување на подзаборавените стереотипи во македонската политика, се изврши бескрупулозна компромитација на политичките противници и преземање на власта надвор од демократските правила на игра. Наративот на бомбите, а не самите бомби, беше пресметан ризик за намерно влијание врз јавното мислење и политичкото однесување, со цел да се насочи незадоволниот и фрустриран дел од општеството во одредена насока. Онаа политички посакуваната. Однадвор. А, потоа дојде будењето. Со него и разочарувањето.
Ако некој некогаш за момент помислил дека „шарената револиција“ била во својата суштина генерички отпор против корумпиран и авторитарен режим, насочен кон промена на постојната квазидемократска влада преку избори и природен чекор во процесот на демократизација, нека ја погледне државата каде е сега. Што се случи во овие три години од власта на Заев. Корупција, променето име на државата, срамен договор за добрососедство со Бугарија, имплементација на тиранската платформа и двојазичност и продадена историја на соседите. Обезличена држава. Се’ беше направено да одговара на моделот „отворено општество“.
Зад паролата на правда и правна држава „шарената револуција“ не произведе консолидирана демократија во Македонија. Напротив, поттикна демократска рецесија. Исто така, „шарената револуција“ манипулираше со патриотизмот со цел да се создаде деструктивен национализам, на кој Заев & Co. се возеше комотно, менувајќи го името на државата и обезличувајќи ја. Зад промовирањето на западните либерално демократски вредности „револуционерите“ (не)свесно поттикнаа културни судири со мнозинството од популацијата што верува во традиционалните вредности. Затоа денес како никогаш досега имаме поделено општество.
„Шарената револуција“ стана образец за дестабилизација без тенкови. За рушење на „режими“ без избори. Модел како се дискредитира демократијата и либералната идеја. Низ празни демагошки пароли и поликолор. Јаз’к револуција. Затоа помалку смешно наивно и патетично звучат „шарените револуционери“ кога се сеќаваат на нивниот придонес во револуцијата. Невиден занес. Не дај боже револуциите во историјата да беа водени од вакви „шарени револуционери“. Уцвикани и трауматизирани. Се’ уште ќе живеевме во феудално општество. Ќе ја пропуштивме боржуаската и сите други револуции на 19 и 20 век.
„Шарените револуциии“ се обичен креиран мит за масите што спонтано се креваат против авторитарниот режим, зафат над колективната фантазија што опстојува и покрај тоа што очигледно е погрешна: обидете се да ја замислите американската полиција која им дозволува на демонстрантите да упаднат во Белата куќа, или полиција која мирно дозволува да биде фарбана, за веднаш да ви стане јасно дека овие „диктатури“ врз кои атакуваа шарените револуции негде од 2000-та, во реалноста беа меѓу најранливите и најслабите режими во светот.
Под фасадата на „обоените револуции“ се наоѓа структура на однесување базирана на желби, положени врз историски лекции што ги нудат социјалните движења и периоди на политичка преврат. Но, да не се лажеме: овие револуции се проект на одредени центри на моќ, шаблон за демократија во „револуција“, како стратегија дизајнирана за дигиталното доба. Нивната ефикасност е проектирана врз нивната способност да измамат, заведат, манипулираат, таргетирајќи го локалното население и странската публика со многу погрешни толкувања на основните причини што ги предизвикуваат овие настани.
А, оние вистинските револуции се нешто друго. Тие бараат постојани, наместо привремени промени во структурата на општествените односи. Тие ги рушат старите режими и го реконструираат системот на управување. Вистинските револуции се колективни мобилизации кои се обидуваат брзо и насилно да го соборат постојниот режим, со цел да ги трансформираат политичките, економските и симболичките односи во општеството. И бараат луѓе што веруваат во идејата позади револуцијата. А, не во парите однадвор и функцијата одвнатре.
Погледнете ги „шарените револуционери“, нивната ментална матрица (ако некој се сеќава на девојката што им довикуваше на полицијата: „Куманово да ви се деси“), за да ја добиете вистинската слика за „шарените револуции“ како психосоцијални операции на измама. И ништо друго. Затоа намалете со импресиите. Не ве личи покрај постерите со Че, или постерите со стиснатата тупаница. Сепак тоа е за вистинските револуционери. А, не за обоените.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес