Според краткото соопштение на Информативната служба на Српската православна црнва (СПЦ), во Белград викендов е одржан состанок на делегација на Цариградската патријаршија со српскиот патријарх Иринеј.
Петчлената делегација на Цариградската патријаршија била предводена од митрополитот Пергамски, г.Јован, митрополитот Галски г. Емануил, Адријанополскиот г. Амфилохије и Силиврискиот г. Максим, како и од ѓаконот Григориј, секретар на Цариградската патријаршија. На состанокот присуствувале членови на Светиот синод на СПЦ: митрополитот Дабробосански г. Хризостом, Бачкиот епископ г. Иринеј, Шумадискиот г. Јован и Крушевачкиот г. Давид; како и митрополитот Црногорско-приморски г. Амфилохије и Загребачко-љубљански г. Порфирохије.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, СПЦ не излегла со соопштение од овој состанок и непознати се деталите на разговорите на двете црковни делегации.
Според весникот Политика, може да се претпостави дека повод за состанокот било „украинското прашање“.
Политика наведува дека „пред речиси два месеци, од СПЦ било најавено дека се очекува делегација на Васеленската патријаршија, така што оваа средба секако не е изненадувачка, иако оттогаш околностите се сменија со неодамнешната одлука на Грчката православна црква практично да биде првата помесна православна црква која ќе застане со Цариград и ќе ја признае „Православната црква на Украина“ која доби автокефалност во јануари годинава.“
Ставот на СПЦ за украинската автокефалност е повторуван неколку пати, од кои последниот е формулиран на заседанието на Светиот архиерејски собор: „Нашата црква не ја признава нововоспоставената парацрковна структура во Украина, предводена од граѓаните Денисенко и Думенко, а се наоѓа во литургиско и канонско општење само и исклучиво со канонската Украинска православна црква“.
За разлика од Политика, порталот Курир.рс „дознава“, без да го наведе изворот, дека „покрај прашања за кои постојат слични ставови, како што е прашањето за црквата во Македонија, за која Цариград смета дека е во надлежност на СПЦ, на состанокот допрени биле и прашањата за кои двете цркви имаат различни погледи, а тоа е пред се односот кон новата црква на Украина.“
Меѓутоа, најмногу податоци за средбата меѓу Цариградската патријашија и СПЦ во Белград дава еден од учесниците на разговорите, митрополитот Црногорско-приморски г. Амфилохие, кој на сајтот на неговата митрополија, објави дека Цариградскиот патријарх не може да се нарече себеси поглавар на Православната црква, дека не може само тој да решава за проблемите со кои се соочува Православната црква и дека овие проблеми може да ги реши само Сеправославниот собор, кој е врховно тело на Црквата.
-Имавме состанок со комисијата на Цариградската патријаршија, предводена од митрополитот Пергамски Јован во врска со овие случувања во Украина. За жал, патријархот Цариградски ја продолжува таа своја приказна и нема лесно да се откаже, кажа Амфилохие. Тој објасни дека комисијата своите ставови за украинското црковно прашање ги темели на предавањата за улогата на Цариградската патријаршија низ целата историја. Но, она што е нивниот проблем и проблем на многу други е што тие не сфаќаат дека времињата се сменети….
Митрополитот Амфилохие прецизира дека Сеправославниот собор е врховно тело во Православната црква.
– Сеправославниот собор е врховно тело на Православната црква уште од апостолското време и денес тој повторно се воспоставува. И овие проблеми со кои денес се соочува Православната црква можат да се решат само преку Васеленскиот собор, Сеправославен собор….Неможе Цариградскиот патријарх да се нарече поглавар на Православната црква – како што тоа го напишале во тој томос во украинска црква, дека тој бил поглавар на Православната црква, со што го цитираат царот Јустинијан. Ова било во времињата на Византиското царство и во времиња кога другите кралства и држави настанале по углед на Византиската империја… Денес, државите се секуларни, народите одат по тие секуларни патеки, владетелите честопати се безбожни, така што веќе не е можно повеќе така со власта, оцени Амфилохије.