Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со коронавирусот вчера на социјалните мрежи напиша дека делта сојот пристигна и веќе започна да се шири.
-Можеби е дури веќе доминантен, бидејќи бројот на случаи со Алфа сојот беше занемарлив до пред една недела, далеку помал од денешниве бројки. Ако досега имаше смисла контролата на границите, отсега повеќе нема. Увезените случаи веќе ништо не значат, а трансмисијата е локална. Сé им текнува отпосле (допрва ќе разговарале со властите од околните земји, бла, бла…), само колку да се каже дека нешто прават.Тоа ти е како отпосле да бараш пр..ер.атив. Ништо сега, опушти се и уживај…, пишува Трајковски на Фејсбук.
Во претходната објава Трајковски пишува дека уште на 20 јуни било кажано дека Делта сојот ќе ни дојде, ако не преземат контрола уште на границите.
„Во таа комисија, како прво, немаат квалификувани луѓе за оваа проблематика. Немаат ни професор вирусолог, ни професор епидемиолог или имунолог, ни професор математичар ни експерт за процесирање сигнали (од специјалноста на академик Коцарев). Немаат ни воен доктор, бидејќи во војни најмногу се случуваат избувнувања на епидемии, а тие најдобро ги знаат мерките. Па што имаат тогаш? Имаат 13 директори на болници, но што ќе кажат тие, дека имаат доволно слободни болнички кревети ли? Ајде нека пресметаат преносливост и трендови на епидемијата, нека пропишат мерки за ограничување и сузбивање на епидемијата, тоа ни треба ако сакаме да дејствуваме проактивно (однапред), а не реактивно (отпосле). Вака, професор Пановски само им упатува пораки преку весници, што никој не ги чита, пишува професорот.
Смета дека треба веднаш да се воведе контрола на границите, поточно влегување само со скорешен ПЦР или брз антигенски тест или седумдневен карантин по влезот во земјата, а државата да обезбеди брзи тестови на сите гранични премини.
„Во комисијата да вклучат епидемиолози и вирусолози, затоа што се гледа дека вака не ја бидува работата. Политичарите да не им се мешаат во работата на стручните лица и само да ги спроведуваат заклучоците, а никако обратно, како досега. Само што, знаејќи со кого си имаме работа, сето ова е малку веројатно дека ќе се случи“, пишува професор Трајковски.