
Министерството за одбрана испрати демант на текстот на Нетпрес под наслов „Kои се луѓето што на државен трошок со хеликоптер одат по кафани? (Прв дел)“, кој го пренесуваме во целост.
Нема никаква мистерија, а уште помалку „мистериозни патници“ во армискиот хеликоптер. На 6 јули во посета на Министерството за одбрана беше црногорска делегација која учествуваше и на затворањето на Летниот кампус на Криволак, а ги посети и другите капацитети на Министерството за одбрана на Република Македонија, како што е Центарот за обука на пилоти. Црна Гора е земја чии питомци се обучуваат за пилоти во Македонија и ова беше убава можност да ги претставиме и нашите воздухопловни капацитети како земја која ќе биде следна членка на НАТО од регионот, по Црна Гора.
Лага е дека се потрошени пари на граѓаните за лет на делегациите од Министерствата за одбрана на Црна Гора и Македонија, со хеликоптер. Хеликоптерите и претходно и во иднина ќе се користат за Министерството за одбрана и Генералштабот и другите државни институции, особено при посети на странски делегации. Но, при тоа не се прават дополнителни трошоци. Имено, секој пилот според стандардите треба да исполни одреден број на часови на летање за обука и транспорт и би летал со или без делегација.
Службените патувања на државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ и официјалните средби се негова службена обврска.
Министерството за одбрана било и ќе биде транспарентно во однос на своите трошоци. Исто така, ги поддржуваме и медиумите да ја играат својата улога на коректори во општеството бидејќи без тоа нема напредок, ниту демократија.