Раководителката на Националниот комитет на Демократската партија на САД, Дона Бразајл изјави дека партијата повторно била цел на хакерски напад и тоа од страна на руски државни агенти, кои се обидуваат да влијаат врз американските претседателски избори. Сличен хакерки напад врз демократите имаше и во јуни.
Според Бразајл сега хакер наречен Гучифер 2,0 објавил на налогот на Твитер на Викиликс линк до документи на Националниот комитет на демократите.
– Еден човек секако ќе извлече корист од тие криминални активности, тоа е Доналд Трамп, додаде таа.
– Не само што Трамп го поздравува Путин, туку тој отворено ги охрабрува руските шпиони да му помогнат во кампањата, нагласи Бразајл.
Трамп во јули ја покани Русија да ги изнесе на виделина мејловите од времето на Хилари Клинтон како американски државен секретар.
Деби Васерман Шулц поднесе оставка од функцијата претседател на Националниот комитет на демократите по првиот хакерски напад во јули.
Тогаш во пресрет на конгресот за номинирање на претседателски кандидат на демократите Викиликс објави дел од хакираните мејлови на Националниот комитет, кои покажуваат дека раководни кадри на партијата се обидувале активно да ја поддржат номинацијата на Клинтон на сметка на Берни Сандерс, кого сакале да го дискредитираат. Дона Бразајл дојде на местото на Шулц по нејзината оставка.
Истовремено американскиот режисер Оливер Стоун изјави за Си-Ен-Ен дека тврдењата оти Русија стои зад кибернападите во САД се измислица.
Тој изјави дека разговарал со разузнавачки експерти, кои сметаат дека веројатно внатрешни луѓе од Демократската партија ги извршиле хакерските напади врз партиската структура.