Демонстранти се обиделе да упаднат во домови на пратеници на СИРИЗА

Групи демонстранти, кои се противат на Преспанскиот договор склучен меѓу Атина и Скопје, вчера се обиделе да ги нападнат домовите на пратеници на СИРИЗА, во градовите Драма и Катерини.

Сепак, до поголем инцидент не дошло бидејќи биле спречени од полицијата, објави државната грчка новинска агенција АНА-МПА, пренесува НетПрес.

Во градот Катерини, група која била дел од демонстрациите, се обиделе да упадне во домот на пратеничката од редовите на СИРИЗА, Елисавета Бети Скуфа. Полицајците се обиделе да ги спречат. Но, во судирот настрадале двајца полицајци. Неколкумина демонстранти биле уапсени.

Елисавета Бети Скуфа, пратеник на СИРИЗА

Слична сцена се одиграла и пред семејната куќа на пратеникот Христос Караганидис, исто така од СИРИЗА, во градот Драма. Поворката демонстранти скрчнала од претходно пријавената рута на движење низ Драма, и се упатила кон домот на Караганидис. Но, и овие демонстранти биле спречени во намерата од органите на редот.

За новинската агенција АНА-МПА, пратеникот Караганидис рекол дека инцидентите се резултат на „поттикнувачките изјави на пратениците од главната опозициска партија, а особено на оние од мојот роден град“.

Оние кои ја разгоруваат меѓунационалната омраза ме нарекуваат предавник. Исто така и сите пратеници од СИРИЗА, се предавници. Опозицијата е таа која ги вооружува рацете и јазиците на насилните демонстранти. Не станува збор за многу луѓе. Оние кои дојдоа пред мојата семејан куќа, кои сеат страв и омраза, не се повеќе од 100-150 лица. Најголемата опозициска партија во Грција е одговорна за се’, што се случи, но и што ќе се случи од сега па натаму, во однос на физичкото здравје на пратениците на СИРИЗА и на нивната сопственост и имоти, рекол Караганидис.

Неговата колешка Скуфа е исто така цврста во ставот дека Преспанскиот договор мора да се ратификува.

Ништо не не’ плаши, ништо не може да ја исплаши демократијата. Триесетмина крајно десни насилници се обидоа да предизвикаат инцидент пред мојот дом, но и пред куќите на уште двајца мои колеги пратеници, Астериос Касторис и Харилаос Цамаклис. Тие се собраа зошто имаше покана за тоа, конкретен плакат, кои ги повикуваше да ги окупират куќите на пратениците, Изјавила Скуфа.

Шест демонстранти биле уапсени за инцидентите пред домот на пратеничката Елисавета Бети Скуфа во Катерини, вчера, додека тројца полицајци биле повредени.