Стотици демонстранти маршираа низ трговските центри во Хонгконг, нарушувајќи го работењето на продавниците трет ден по ред принудувајќи ја интервентната полиција да затвори еден центар во туристичкиот кварт.
Трговски центри се цел на протестите од католички Бадник. Се случија и спорадични насилства па полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите во областите преполни со купувачи и посетители, многумина од странство. Бројот на демонстрантите во четвртокот беше помал отколку претходните два дена, но интервентната полиција ги засили патролите во трговските центри на полуостровот Ковлун, и во руралните Нови територии.
Протестите во Хонгконг започнаа пред речиси седум месеци поради веднаш потоа повлечениот предлог закон кој требаше да овозможи израчување на осомничени и криминалци на матицата Кина. Во меѓувреме прераснаа во наводно продемократско движење, а во текот на божикните празници забележани се повеќе судири со полицијата. Во четвртокот полицијата притворила неколку лица во трговскиот центар во руралниот кварт Таи По, северно од центарот на градот.
Претходно во декември, откако кандидатите на движењето кое се противи на влијанието на Пекинг остварија голема победа на изборите за окружните совети, протестите главно беа мирни.
Премиерката на Хонгконг, Кари Лам, ги осуди во средата на Facebook протестите истакнувајќи дека многу жители на мегалополисот и туристите се разочарани поради тоа што им е уништена прославата на Божик, а штети претрпеле и трговците и рестораните. Владата во четвртокот, пак, ја критикуваше „незапаметената насилност“ на некои демонстранти и порача дека заштитата на слободите и човековите права е нејзиниот приоритет.