Ден на ремија во Бундеслигата, возбудливо дерби во Минхен

Само фудбалерите на Арминија успеаја да остварат победи во петте саботни натпревари во Бундеслигата, додека на актуелниот шампион минхенски Баерн со домашното реми од 3:3 во дерби дуелот со РБ Лајпциг не успеа да се одлепи од конкирентите во битката за врвот по десеттото коло од германското фудбалско првенство откако првите три меча завршија без победник.

Двете првопласирани екипи во германското првенство го одиграа најубавиот натпревар во досегашниот дел од шампионатот, со шест погодоци и без победник.

Гостите од Лајпциг во водство ги доведе во 19 минута Французинот Кристофер Нкунки, но играчите Ханси Флик прво израмнија во 30 минута со голот на 17-годишниот Англичанец Џамал Мусиал, а само четири минути подоцна искусниот Томас Милер направи резултатски пресврт во полза на Баварците. Сепак, на полувремето ниедна од екипите не замина со преднос, бидејќи само две минути по Милер, односно во 36 минута прецизен беше Холанѓанецот Џастин Клајверт. Гостите повторно дојдоа во водство на почетокот од вториот дел, односно во 48 минута преку Швеѓанецот Емил Форсберг, а новото израмнување за актуелниот европски и германски првак го донесе Милер со својот втор погодок во 75 минута.

Така врвот на табелата како и бодовната различа и по десеттото коло останаа непроменети, во водство е Баерн Минхен со 23, втор е РБ Лајпциг со 21, а трета е Борусија Дортмунд со 19 бодови.

Фудбалерите на Борусија Дортмунд одиграа 1:1 на гостувањето кај Ајнтрах. Екипата од Франкфурт поведе уште во 9 минута со голот на Јапонецот Даичи Камада, а за гостите од Дортмунд израмни 18-годишниот Американец Џовани Рејна во 56 минута.

Ова е трет натпревар во низа на кој Борусија Дортмунд не оствари победа во сите натпреварувања. Претходно „милионерите“ ремизира со Лацио (1:1) во Лигата на шампионите и загубија од Келн (1:2) во Бундеслигата.

Борусија Дортмунд остана на третата табела со 19 бодови, и на ова место ќе остане барем до неделата кога Баер Леверкузен кој заостанува бод гостува кај последниот Шалке кој веќе 25 првенствени кола со ред нема остварено победа. Ајнтрахт, пак, привремено е на осмата позиција со 13 бодови.

Борусија од Менхенгладбах, пак, до бодот на гости кај Фрајбург дојде со одличниот удар на Французинот Алесане Плеа во 50 минута, само минута откако Италијанецот Винченцо Грифо од пенал ги доведе домашните во водство од 2:1. Швајцарецот Бреел Емболо го постигна водечкиот погодок за Борусија во 23 минута, но на 1:1 израмни Филио Линхарт во 32 минута.

Борусија Менхенгладбах се зацврсти на седмата позиција на табелата со 16 бодови, додека Фрајбург е 14-ти со осум бодови, само бод од зоната на испаѓање од лигата.

Иако Келн двапати беше во водство во обидот да избега од дното на табелата, но гостинскиот Волфсбург сепак успеа да освои бод. Домашните дојдоа во водство во 18 минута преку Јан Тиелман, а гостите возвратија релативно брзо во 29 минута преку Максимилијан Арнолд. Келн сепак успеа на одмор да замине со преднсот, откако во 43 минута прецизен беше Ондреј Дуда. Но, уште на почетокот од вториот дел, во 47 минута, Воут Вегхорст донесе ново израмнување 2:2, а и покрај напорите на двата тима до крајот на мечот резулатот не се менуваше.

Келн со седум бодови е на 15-то место на табелата, што е салдо во рамките на опасната зона, додека Волфсбург е петти со 18 бодови, и го држи последното место кое води директно во европските купови, поточно во Лига Европа.

Арминија на домашен терен во Билефелд оствари значајна победа од 2:1 над Мајнц во борбата за бегство од опасната зона. Домашните дојдоа до сигурно водство од 2:0 со головите на Мануел Приети во 21 и на Ритсу Доан десет минути подоцна. Мајнц усепа само да намали дури во 82 минута преку Кевин Штегер.

Арминија е на 16-то место, кое води во плеј-оф за опстанок, со седум бодови, колку што има и Келн место погоре, а Мајнц е претполеден 17-ти со пет бодови.

Во недела од 15,30 часот играат Вердер – Штутгарт, од 18 часот се среќаваат Шалке и Баер Леверкузен а колото го затвора дуелот меѓу Хофенхајм и Аугсбург од 20,30 часот.