Денеска и утре ќе се одржи состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како што е најавено во Брисел, ќе ги претстави плановите за реформи за модернизација на алијансата по четири години спорење со Вашингтон и за соочување со предизвиците, вклучително и воениот подем на Кина и Русија како противници. По спротивставената реторика меѓу Вашингтон и неговите сојузници за време на претседателството на Доналд Трамп, Столтенберг ќе постави осум области каде што НАТО може да се модернизира на среден рок, од климатските промени до одржливо финансирање на воените операции, изјавија двајца високи функционери за Ројтерс.
Реформските предлози, што лидерите на НАТО се очекува да ги разгледаат на самитот во Брисел, планиран за подоцна оваа година, имаат за цел да го убедат наследникот на Трамп Џо Бајден силно да го поддржи НАТО и сојузниците фрустрирани со, како што велат, неуспехот на Алијансата да се координира на политичко ниво „Имаме единствена можност повторно да се активираме и да ја зајакнеме трансатлантската врска“, им рече Столтенберг на новинарите во понеделникот, осврнувајќи се врз реформскиот процес „НАТО 2030“. Предлозите вклучуваат ажурирање на официјалниот документ за главна стратегија на НАТО, неговиот „Стратешки концепт“, кој може да ги разгледа растечките кинески воени способности и руската стратешка конкуренција.
Столтенберг ќе предложи поголема политичка дискусија во НАТО за да се дозволат чести состаноци на министри за надворешни работи, министри за внатрешни работи и советници за национална безбедност и начини за намалување на безбедносното влијание на климатските промени. Новиот шеф на Пентагон, Лојд Остин, неодамна изјави дека на состанокот ќе ја потврди посветеноста на Соединетите држави кон Алијансата и дека ќе им вети на сојузниците дека ниту една одлука нема да биде донесена без консултација со НАТО.