Се очекува денеска да има средба на работните групи за усогласување на ставовите за законот за јавнообвинителската сфера, а според сознанијата кои ги имам до крајот на неделата треба да се сретне и работната група за пописот на население – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање кога се очекува нова средба за спорниот закон за Јавно обвинителство.
Тој смета дека новата средба на работната група го потврдува она што го тврдеше ВМРО-ДПМНЕ дека не е возможно да се оддржи лидерска средба без претходно усогласени ставови за овие две прашања.
– Не може да има лидерска средба без да има допирни точки за овие едве теми, односно средба со дијаметрално различни ставови за законот за јавно обвинителство и за пописот. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека лидерска средба и натаму нема да биде возможна доколку на дневен ред не се најде и прашањето за предвремени избори – вели Стоилковски.
Република веќе објави дека се очекува работните групи на власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ неделава да одржат нова средба за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство Ова е прва средба откако Владата изгласа предлог-закон и го прати на собраниска процедура. Веднаш потоа ВМРО-ДПМНЕ излезе со нов предлог-закон за Јавно обвинителство, кој се фокусира на четири точки.
Тие се однесуваат на формирање на посебно одделение во рамки на државното обвинителство, а не СЈО да биде дел од обвинителството за организиран криминал и корупција. Обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства, сите предмети на СЈО да бидат преземени од државното обвинителство и да се воспостави финансиска независност не само на новото, туку на целото обвинителство.