Денеска во Нетпрес кујната вкусна штипска пастрамајлија и слатки еклери со хопла

Одличен рецепт за дома да ја вкусите познатата штипска пастрамајлија, а потоа засладете се со еклери со хопла.

 

Потребно:

1 кг брашно

30 гр квасец

1 кг  свинско каре

Свинска маст

Сол и црн пипер

Подготовка:

Замесете го квасецот со малку топла вода. 3амесете го брашното со топла вода и малку сол, ставете го квасецот и измесете го тестото добро да биде средно меко. Оставете го да нарасне. Од кога ќе нарасне, повторно размесете гo и поделете го на 8 топки. Земете една по една топка исплескајте ја со рака така да краевите останат подебели. Месото исецкајте го на ситни коцки, посолете го со сол и црвен пипер и ставете го во секоја пастрмајлија. Ставете преку месото по едн амала лажичка маст и ставете ги во рерна да се печат. Послужете се со лути феферонки и домашно црно вино.

Слатки еклери и кафе, одлична комбинација.

 

Потребно:

За тесто:

200 мл вода

125 гр маргарин

1 шоља брашно

5 јајца

2 мали лажички сол

За фил:

500 мл слатка павлака

200 гр шеќер

2 ќесички ванилин шеќер

За прелив:

150 гр чоколадо за готвење

60 гр маргарин

Подготовка:

Ставете мало тенџере на среден оган. Додајте ја водата, маргаринот и солта. Оставете водата да зоврие.

Во зовриената вода ставете го брашното и убаво мешајте со дрвена лажица на тивок оган, сè додека не добиете хомогено тесто што ќе почне да се одделува од ѕидовите на садот. Преместете го тестото во друг сад и оставете го настрана да се олади.

Во меѓувреме, пригответе го филот. Во голем сад ставете ја слатката павлака, шеќерот и ванилиниот шеќер. Убаво изматете или мешајте со миксер, додека не добиете густ фил. Покријте го садот со фолија и ставете го во фрижидер.

Во претходно изладеното тесто, додајте едно јајце. Убаво промешајте ја смесата, па додајте го наредното јајце. На ваков начин додавајте ги едно по едно и преостанатите јајца, притоа постојано мешајќи. Треба да добиете хомогена еластична смеса.

Со смесата наполнете готварски шприц и користете го најголемиот отвор за шприцот. Врз плех обложен со хартија за печење, направете 9 цилиндри долги околу 15cm, а широки околу 3cm. Во текот на печењето еклерите ќе го зголемат својот волумен, па затоа оставете простор меѓу нив. Ставете ги да се печат 25-30 минути во претходно загреана рерна на 190 степени . Откако ќе се испечат, исклучете ја рерната и сосема малку подотворете ја. Исклучително важно е да ги оставите еклерите да се изладат внатре во рерната.

Додека еклерите се ладат, пригответе го преливот. Растопете ги на пареа чоколадото и маргаринот. Ако немате соодветен сад за готвење на пареа, можете да ги растопите на тивок оган, притоа постојано мешајќи.

Откако еклерите ќе се изладат, расечете ги хоризонтално со остар нож од едната страна. Со лажица наполнете ги со приготвениот фил. За крај, секој еклер прелијте го со течното чоколадо.