
Претседателот на државната изборна комисија Оливер Деркоски на денешната прес конференција посочи дека хакерскиот напад не предизвикал голема штета туку мало одложување на соопштување на изборните резултати.
„При тоа се појавија разни шпекулации, лажни вести предизвикани од тие шпекулации, јас сакам одговорно да ги демантирам тие шпекулации кои што во текот на денешниот ден се ширеа, сакам да укажам на фактот дека ДИК работи според изборниот законик. Сакам да напоменам дека овој пат ДИК се обиде да го забрза процесот со софтверска апликација која вчера ни помогна и те како и нас и вам за брз трансфер на податоци, но за жал во текот на ноќта нашиот сајт беше мета на хакери и со таа апликацијата не можевме да ги споделиме информациите со вас. Јас ве уверувам дека сето она што го следевте беше во реално време и беше вистинито,“ вели Деркоски.
Хакерски напад врз веб страницата на ДИК беше причината за продолжување на неизвесноста за резултатите од вчерашната изборна трка.
Деркоски изјави дека за овој сајбер нападот на веб страницата на институцијата е пријавено Министерството за внатрешни работи и секторот за сајбер криминал, кој што веќе започна со своите активности.
„Хакиран беше сајтот, а не апликацијата“ децидно посочи Деркоски.