Десетгодишно дете почина во текот на ноќва на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михајлевиќ“ во Загреб, како последица од ковид-инфекција. Момчето е најмладата жртва на коронавирусот во Хрватска.
Според информациите на „Јутарњи лист“, детето не боледувало од други болести, туку развило ретка компликација, која е забележана кај мал број на заразени деца.
Станува збор за мултисистемски воспалителен синдром (МИС-Ц), многу редок и особено опасен синдром, кој погодува деца на возраст од две до 15 години, а кој беше откриен кај деца заболени од ковид-19 во САД и Велика Британија во април минатата година.
Синдромот има значителни сличности со синдромот на токсичен шок и синдромот Кавасаки и предизвикува воспаление на крвните садови низ целото тело.
-Воспалението може да го ограничи протокот на крв и да го оштети срцето, бубрезите и другите органи. Синдромот може да биде последица на имунолошкиот одговор на организмот на присуството на коронавирусот САРС-КоВ-2 и обично се јавува во рок од четири недели од изложеноста на вирусот, објасни Кванг Сик Ким, педијатриски инфектолог во детскиот центар „Џон Хопкинс“.
Специјалистот за инфективни болести Сик Ким советува дека родителите треба итно да побараат медицинска помош ако болното дете има температура над 38 степени 24 часа или подолго и барем уште еден од следните симптоми – невообичаена слабост, црвен осип, болки во стомакот, повраќање, дијареја, отечени раце или нозе, црвени и испукани усни, како и црвени очи.
Според претходните искуства, смртноста кај деца погодени од овој синдром е околу 1,5 процент.