Десетици мртви во станбена зграда во Ханој
Десетици луѓе загинаа во пожар во станбена зграда во виетнамската престолнина Ханој, објавија државните медиуми во средата, при што сведоци велат дека слушнале повици за помош и дека мало дете е фрлено од објектот.
Пожарот избувнал во вторникот нешто пред полноќ по локално време на паркингот на десеткатницата, во област преполна со мотоцикли на станарите, велат очевидци.
„Властите спасија околу 70 луѓе, префрлија 54 лица во болница, меѓу кои и десетици мртви“, објави официјалната виетнамска новинска агенција.
„Ова е многу сериозен пожар“, се вели во соопштението.
Снимките од репортертие на агенцијата AFP покажуваат пламен и чад како извира од затворените балкони.
Пожарот бил изгаснат до средата наутро, а спасувачите тешко влегувале во зградата која се наоѓа во тесна уличка во станбена населба во југозападниот дел на градот.
Малите балкони се опкружени со железна ограда, а зградата има само еден излез и нема скалила за итен излез однадвор.
Во комплексот живееле околу 150 луѓе, соопштија властите.
„Слушнав многу повици за помош. Не можевме многу да им помогнеме“, изјави за АФП на местото на настанот една жена која рече дека се вика Хоа и живее во близина на зградата.
„Зградата е толку затворена и без рута за евакуација, невозможно е жртвите да излезат“, додаде таа.
Друг сведок, Хуонг, рече дека мало дете било фрлено од висок кат за да избега од пламенот.
„Одев да спијам кога почувствував нешто. Излегов и видов пожар. Чад имаше насекаде. Мало момченце беше фрлено од висок кат, не знам дали преживеа или не, иако луѓето користеа душек за да го фатат”, опишала таа.
Вицепремиерот Тран Луу Куанг го посети местото на настанот во средата наутро, објавија државните медиуми.
Виетнам во последниве години се соочи со неколку смртоносни пожари, кои често избувнуваат на места за забава, како што се популарните караоке барови.
Во пожар во караоке бар на три ката во трговскиот центар на градот Хо Ши Мин минатата година загинаа 32 лица. Во тој пожар се повредени 17 лица, а сопственикот е уапсен под обвинение дека ги прекршил прописите за заштита од пожари. По трагедијата, премиерот нареди проверка на сите високоризични локации.
Тринаесет лица загинаа во 2018 година откако се запали станбен комплекс, исто така во градот Хо Ши Мин. Уште 13 лица загинаа во 2016 година во караоке бар во Ханој по пожар.
Југоисточна Азија често се соочува со смртоносни шумски пожари кои започнуваат случајно, како резултат на слабите безбедносни стандарди.