Најмалку тринаесет лица загинале, а уште 31 е рането во експлозија којашто одекнала во неделата во џамија во покраината Хост на истокот од Авганистан, пренесува агенцијата Reuters повикувајќи се на локалните власти.
Верниците се собирале во џамијата за почетокот на пладневната молитва, којашто истовремено се користела и како центар во кој се регистрираат гласачите за претстојните избори, изјавил портпаролот на локалната полиција Басир Бина.
Засега ниедна од екстремните исламистички организации кои се активни во Авганистан, не ја презема одговорност за неделниот напад.
Претходно авганистанскиот претседател Ашраф Гани го објави почетокот на регистрирањето на граѓаните за учество на парламентарните и локалните избори закажани за октомври годинава.