Ракометарите на скопски Металург остана на дното во Групата А во ракометната Лига на Европа, откако во саботата вечерта во својот премиерен натпревар во новата година загуби на гостувањето кај рускиот претставник Чеховски Медведи со високи 40:27 (22:11).
Поради повредени и позитивни ракометари на коронавирус, македонскиот тим допатува во Русија со само 11 играчи и немаше сили да му се спротистави на противникот. Металург одржуваше резултатска неизвесност само во воведните десет минути, по што домаќините со серија од пет голови се одвоија на 11:4.
Рускиот тим до крајот на полувремето стигна до двоцифрена предност (22:11), нанесувајќи му на десеткуваниот Металург убедлив пораз.
По четири одиграни натпревари во ракометната Лига на Европа, Металург е последнопласиран во групата со ефект од три порази и едно реми.
Следниот натпревар на Металург што според распоредот требаше да се игра идниот вторник во Скопје против Тулуз вчера беше одложен поради новите анти-ковид мерки донесени од властите во Париз. Мерките предвидуваат задолжителен двонеделен карантин за сите кои се враќаат во Франција од земји надвор од Европската унија.